Параметри што го одредуваат квалитетот на животот

121
Фото: Игор Бансколиев

Иако според експертите, теоретски, вработувањето е најздрав начин за излез од сиромаштијата, во реалноста постои дескрепанца меѓу вработувањето, висината на платите, прагот на сиромаштија, потрошувачката кошница, понудата и побарувачката На пример, прагот на сиромаштија за четиричлено домаќинство изнесува околу 15.000 денари, додека потрошувачката кошница околу 33 илјади денари. Ако, пак, двајца возрасни заработуваат минимални плати, од по 12.000 денари, односно вкупно 24.000 денари, тогаш тоа домаќинство не се вбројува во сиромашно, иако со тие пари не може да се покрие ниту потрошувачката кошница, која изнесува 33.000 денари месечно

Околу 64 отсто од Македонците сметаат дека се дел од средната класа кога станува збор за личната и семејната финансиска состојба, 33,5 отсто од македонските граѓани се сметаат за сиромашни, додека само 2,5 отсто за богати, покажуваат резултатите од онлајн-анкетата на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, спроведена неодамна. Додека, пак, просечната плата, според последниот извештај на ДЗС, изнесува 24.203 денари, што е за 2.000 денари повисока во однос на истиот период во 2016 година, а стапката на невработеноста постојано се намалува и е достигна до 21,1 отсто, а пред две години стапката на невработеност изнесуваше 24,5 отсто. Но прашањето е дали вработувањето е гаранција за квалитетен живот и дали социјалната помош и платите треба да се приспособуваат на животниот стандард на граѓаните.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, вработувањето е најздравиот начин да се излезе од сиромаштија и да се обезбедат сопствената одржливост и одржливоста на домаќинството.

– Секако, мора да забележиме дека постои и таканаречена работничка сиромаштија, во која, и покрај тоа што имаат работа, домаќинството живее под линијата на сиромаштијата. Тој процент, сепак, изнесува околу 9 отсто, наспроти вкупната стапка на сиромаштија од околу 21 отсто. Стапката на сиромаштија се намалува и со социјалните трансфери, како пензиите и социјалната помош, но тие мора да се сфатат како државна поддршка за лица што не се работоспособни, било поради старост или нарушено здравје – објаснува Петрески.

Како што вели тој, работоспособните и здрави лица мора да си го подобрат својот животен стандард преку работа, да бараат и да прифаќаат работа што им се нуди, наместо да чекаат државна поддршка во која било форма. Што се однесува до потрошувачката кошница од околу 33 илјади денари, универзитетскиот професор вели дека би се држел до официјалната статистика, бидејќи таа се потпира на меѓународна ригорозна методологија, како и поради фактот што платите, стапките на невработеност и сиромаштија се од официјалната статистика.

– Според неа, прагот на сиромаштија за четиричлено домаќинство изнесува околу 15.000 денари. Разбирливо е дека во практиката едно семејство не може лесно да го преживее месецот со тој износ, меѓутоа, методолошки, тоа ќе се смета за сиромашно ако заработува под овој износ, на пример ако во тоа семејство има само еден примател на минимална плата. Но ако двајцата возрасни заработуваат минимални плати, а да не зборувам ако двајцата имаат просечни плати, тогаш тоа домаќинство не се брои во сиромашно. Секако, тука да забележиме дека зборуваме за релативна сиромаштија, која не подразбира дека семејството живее во апсолутна мизерија, туку дека во однос на просечното семејство, тоа има недоволно средства за нормален живот – истакна Петрески.

Претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров, смета дека вработувањето е еден од начините за справување со сиромаштијата и дека стапката на невработеност се намалува како резултат на новите вработувања, но, за жал, и поради заминувањето на младите во странство.

 

– Од друга страна, огромен број работни места остануваат непополнети поради расчекорот на понудата и побарувачката на работници. Затоа мораме многу да работиме на усогласување на потребите од разни занимања и понудата на работна сила, а со тоа ќе ја намалиме и сиромаштијата – појаснува Димитров.
Другиот начин на намалување на сиромаштијата, додава тој, е преку поголема социјална помош, но ќе го оптовари и така скромниот буџет и ќе предизвика негативности по идниот развој.

– Реално, на лицата со ризик од сиромаштија им се потребни повеќе средства во семејниот буџет. Тоа може да се постигне со вработување на невработените во семејството и преку преквалификации и обуки да се обучат за работа на подобро платени работни места. На пазарот недостигаат многу стручни занимања и занаетчии, а невработените лица со ризик од сиромаштија немаат знаења и квалификации за овие занимања – нагласува Димитров.

Според него, разлика помеѓу минималната кошничка, која ја објавува Сојузот на синдикати, и просечната плата е нормална и не е само кај нас. Во многу земји во светот семејството не може да опстане само со една плата, затоа е потребно да работат барем двајца или често да работат дополнителна работа, која кај нас е многу ретка и со законот сведена на минимум.