Пандемијата ги поевтини кредитите

873
Подолг период банките се соочуваат со предизвикот на ниските каматни стапки / Фото: Игор Бансколиев

Откога Народната банка, чувствувајќи ја потребата за поддршка на стопанството, неколкупати го намали износот што комерцијалните банки можат да го чуваат кај себе, за да ги пласираат парите кај населението или кај стопанството, тие мораа да ги намалат каматите и да ја збогатат понудата

Намалени камати за станбени и други кредити наменети за граѓаните, олеснување на условите за добивање кредити, како и разни проекти за поддршка со плаќање на рекламен простор за компаниите, како и други мерки за поддршка на стопанството се дел од најновите понуди на банките. Голем дел од банките, по неколкукратното намалување на основната каматна стапка во изминативе недели, пристапија кон намалување на каматите на кредитите што ги одобруваат. Упатените посочуваат дека ваквите потези се сосема очекувани со оглед на состојбата во која се најдоа стопанството и земјава по ширењето на пандемијата на ковид-19.
– Банките чувствуваат дека и тие треба да помагаат колку што можат, оти и тие имаат општествена одговорност, и потребно е да направат сѐ што можат за да излеземе колку што можеме помалку ранети од оваа ситуација.

Дополнително и мерките што ги донесе Народна банка, која чувствувајќи ја потребата од поддршка на стопанството, неколкупати го намали износот што можат да го чуваат банките кај нив, поради што на банките им останува парите да ги пласираат кај населението или кај стопанството. Така што мерките што ги преземаат банките, во смисла на намалување на каматите или, пак, во разни други мерки како поддршка на стопанството за рекламирање, помош во изработка на проекти, се мерки што се насочени кон поголем пласман на парите кај стопанството или кај населението, бидејќи не можат да ги чуваат туку мора да ги мултиплицираат – објаснува поранешниот гувернер Љубе Трпески.
Во изминатиов период комерцијалните банки во земјава презедоа неколку мерки за поддршка на стопанството, меѓу кои и плаќање на рекламен простор за компаниите, другите, пак, со олеснување на условите за кредитирање. Според упатените, ваквите мерки се очекувани и поради фактот што од почетокот на годината Народна банка трипати ја намали основната каматна стапка.

– Сите мерки што ги презема Народна банка во изминатиов период се во насока на поттикнување на стопанството, и колку што е можно поголемо сузбивање на негативните ефекти од корона-кризата. Одредени одлуки на НБ се поттикнати од ширењето на вирусот, рестриктивните мерки за негово сузбивање, наметна и потреба од поголема поддршка на стопанството. Дури и ако гледаме пошироко, не само кај нас, туку и на Балканот, но и пошироко, во Европа и во целиот свет мерките што ги преземаат институциите се слични, сите држави ги преземаат тие мерки за зачувување на стопанските активности – истакна Трпески.
Некогашниот гувернер меѓу другото посочува дека и во следниот период ќе биде неопходно банките повторно да им излезат во пресрет на граѓаните со ново одложување на ратите на кредитите, но само на оние граѓани што се погодени од корона-кризата и кои останале без плата или, пак, имаат намалени приходи.

– Би можело во следниов период банките да ги продолжат мерките за одложување на плаќањата на ратите на кредитите барем за најранливите категории граѓани, не за сите, но за оние што нередовно ги добиваат своите плати. На овој начин ќе им излезат во пресрет на граѓаните што се погодени од кризата, а наедно и ќе покажат голема општествена одговорност – дополнува Трпески.
Претставниците на банкарскиот сектор посочуваат дека подолг период банките се соочуваат со предизвикот на ниските каматни стапки, и додаваат дека пандемијата создава дополнителен притисок. Истакнуваат дека во сегашните пазарни услови, каматниот интерес не е пресуден за носење одлуки за кредитирање, туку дека многу голема улога има севкупниот потенцијал на деловниот однос со клиентот. Банкарите меѓу другото посочуваат дека е очекувано каматните стапки на кредитите да го следат трендот што го наметнува Народна банка, но сепак, истакнуваат дека пред носење одлуки за намалување на каматите на кредитите се разгледуваат и други фактори во самата банка и одлуките се носат индивидуално во зависност од поставените цели.

Неодамна Народна банка информира дека продолжува трендот на намалување на каматните стапки на кредитите, но и на депозитите.
– Во јуни 2020 година, продолжи трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити, која изнесува 4,80 отсто. Просечната каматна стапка на вкупните депозити оствари минимален месечен пад и изнесува 1,09 отсто. Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор, во јуни, изнесува 3,93 отсто и на месечно ниво е пониска за 0,04 процентни поени. Промената се должи на падот кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута – наведуваат од НБРСМ во извештајот.