Пазарџиите уште се пазарат за законот

98

Групацијата на пазари при Стопанската комора на Македонија смета дека е потребно да се одложи или целосно да се укине Законот за трговија на зелени пазари, кој е во примена од почетокот на годинава. Тие сметаат дека примената на Законот за трговија на зелени пазари ја загрозува дејноста и го доведува во прашање опстојувањето на зелените пазари.

– Заеднички беше оценето дека е потребно итно негово укинување или одложување на неговата примена до донесување на законски прифатливи решенија во консултации со сите засегнати страни – вели Даниела Михајловска Василевска од СКМ.

Организаторите на пазари, членки на Стопанската комора на Македонија, се договориле дека нема да склучуваат нови договори за закуп додека не се најде решение за проблемот со кој се соочуваат. Михајловска Василевска најави дека ќе бидат доставени дописи до сите надлежни институции, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за економија Крешник Бектеши и до инспекциските служби надлежни за контрола и координација на законските решенија, кои ја третираат трговијата на зелени пазари. Таа потсети дека ова законско решение, кое сега е во сила, е донесено по иницијатива од неколку пратеници во јануари лани и е изгласано во Собранието по скратена постапка и посочи дека уште тогаш укажале на состојбите со кои се соочуваат организаторите на пазари и на последиците што можат да се случат. Дополнителен товар, како што рече, ќе претставуваат и трошоците што се најавуваат по однос на лиценцирање на закупците на тезги.