Фото/Илустрација: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Јазот помеѓу бараните и понудените работни вештини е главен проблем на македонскиот пазар на трудот и тој е присутен отсекогаш, а не е последица само од пандемијата, поради што е неопходна доквалификација или преквалификација на работната сила за да се одговори на потребите на работодавците во пандемијата, но и потоа, објаснуваат експертите

Пандемијата на коронавирусот и нејзините штетни рефлексии врз македонската економија од ден на ден резултираат со сѐ повеќе изгубени работни места, што ја наметна потребата од размислување за промени во начините на функционирањето на бизнис-секторот. Од почетокот на здравствено-економската криза во земјава се изгубени десетици илјади работни места поради што универзитетските професори, економските експерти и стопанските комори со кои се консултиравме велат дека трансформација на пазарот на трудот и преквалификација и доквалификација на работниците се единственото решение за санирање на овој проблем.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов за „Нова Македонија“ вели дека како многу логична мерка во овој момент се наметнува потребата за преквалификација и доквалификација на работниците.
– Пандемијата наметнува процес во кој ние треба да спроведеме структурни промени во нашата економија и држава ако навистина сакаме во скоро време да излеземе од овие несакани економски шокови што ги наметна коронавирусот – вели Узунов.
Професорот објаснува дека оваа криза, за разлика од која било со која се соочил светот, нема да се реши по моделот на минатите, а економијата ќе биде сменета засекогаш.
– Кога ќе заврши кризата, компаниите никогаш нема да функционираат како во минатото. Работниците што сега ги изгубиле своите работни места нема да можат да се вратат на своите работни позиции, бидејќи тие нема да постојат во досегашната форма. Па затоа, сега повеќе од кога било треба да се започне со државен процес за преквалификација на работната сила – смета професорот.
Узунов објаснува дека вакви процеси веќе постојат во Македонија, но нивната ефективност во периодов е ставена под прашање, впрочем како и сите други општествени случувања.

– Нам во овој момент ни треба кампања за информирање на луѓето дека преквалификацијата и доквалификацијата се неопходни. Оние професии што ќе се бараат со сигурност ќе бидат дел од ИТ-индустријата, но и од другите индустрии што функционираат дигитално и компјутерски. Па оттука сите оние што не се дел од овие индустрии треба да размислуваат како да станат, бидејќи во спротивно можат засекогаш да останат невработени – објаснува професорот.
Тој додава и дека одредени доквалификации ќе им бидат потребни и на работниците од услужните гранки на економијата.
– За подобро да преживеат во периодот што доаѓа, сите вработени, на пример, во занаетчиството, фризерниците, центрите за масажа, угостителството и туризмот ќе треба да најдат начин како да се доквалификуваат во струката за поефикасно да го фатат новиот пулс во кој ќе се движи постковидната економија на Македонија – објаснува професорот.
И Деспина Туманоска, економска експертка од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, смета дека јазот помеѓу бараните и понудените вештини е главен проблем на македонскиот пазар на трудот, но како што истакна, тој е присутен отсекогаш, а не е последица само од пандемијата. Оттука, според неа, неопходна е доквалификација или преквалификација на работната сила за да се одговори на потребите на работодавците во пандемијата, но и потоа.
Во меѓувреме, од Стопанската комора на Северна Македонија објаснуваат дека пандемијата директно влијаеше врз продуктивноста на економијата и врз реализацијата на образовниот процес, а со тоа и врз системот за формално стручно образование и обука, како и врз системот за неформално образование за развој на стручни вештини и компетенции.

– Иако долго укажувавме дека има недостиг од стручен кадар, овој недостиг сега уште повеќе се продлабочи. Според нашите анализи, стручен кадар е потребен во сите сектори, но најмногу во секторот машинство, и тоа за потреба на лица како оператори за машинско одржување и оператори на производствена линија, машински техничари, оператори со ЦНЦ-машини и бравари, во секторот електротехника потребата се јавува за електричари, монтери и електротехничари, во угостителството и туризмот за келнери и готвачи, во прехранбената индустрија потребата е од хемиски техничари, месари и касапи. Сепак, најбарани се програмерите и компјутерските техничари. Затоа ќе мора многу од невработените лица да се преквалификуваат или да се дообучуваат во согласност со побарувањата на пазарот на трудот – информираат од комората.
Инаку, според порталот „Евро њуз“, членките на Европската Унија веќе започнаа со процесите за преквалификација на своите работници заради премостување на ограничувањата во работењето наметнати од пандемијата.
– Поради промената на условите на работа и поради дигитализацијата, голем дел од 550-милионското население на Европа ќе остане без работа, па затоа во ЕУ сега се подготвуваат информативни и политички кампањи за обука на работниците и за нивна преквалификација за истите тие да можат во иднина да работат во дигиталните компјутерски индустрии – информира порталот.

[email protected]