Пазарот на зеленчук и кооперирањето

71

Производството на зеленчук е особено важно не само за земјоделството туку за целата македонска економија. За производство на зеленчук се ангажираат 52 илјади хектари годишно, со тенденција за зголемување. Тие зафаќаат 13 отсто од површините под ораници и бавчи и над 19 отсто од засеаните површини во 2017 година.
Зеленчуковото производство е силно разнообразно од аспект на бројноста на производите што се одгледуваат, големината на стопанствата и на пазарните канали. Климатските промени, масовната појава на болести и штетници, често водат до кризи во производството што се рефлектираат врз понизок доход на земјоделците. Специфичноста на овој сектор во ЕУ била согледана уште пред педесетина години, кога е формирана Заедничката организација на пазарот за зеленчук и овошје, а за да се обезбеди рамнотежа (баланс) помеѓу побарувачката и понудата на цените што се праведни за производителите и достапни за потрошувачите.

Македонија сама ќе мора да наоѓа форми и начини за усогласени односи на пазарот, што е неопходно во услови на слободен пазар. Меѓутоа, може да ја поддржува секоја иницијатива што води до подобро организирање, особено на ситните пазарни производители, кои често се жртва на неуредни пазарни односи. И во ЕУ се покажало дека најдобар систем за подобрување на пазарната положба на производителите на зеленчук е организација на производителите.
Целта на организацијата на производителите е, преку групирање на пазарните вишоци зеленчук, да обезбеди повисоки откупни цени и да се оствари подобар баланс помеѓу понудата и побарувачката.

Со организација на производителите се поставуваат и други потцели:
– зголемување на продуктивноста и конкурентската способност во производството на зеленчук;
– намалување на производствените трошоци;
– заштита на вредноста на производството кај неговата побербена обработка (сортирање, пакување, преработка);
– зацврстување на позициите на одделен производител, на пазарот, како партнер кај побарувачката и понудата;
– гаранција во долгорочниот план за продукцијата предлагана од производителот.

Основна функција на организацијата на производителите е да го собира производството од своите членови и да го предлага на пазарот. Дејноста им е насочена и кај усовршувањето на производствениот процес, собирањето информации за површини, производството, обемот на продажба… Организацијата на производителите им овозможува основна помош на членовите кај сортирањето, пакувањето и складирањето на нивното производство, во примената на еколошки усогласена практика. Организациите може да создаваат операциски фондови. За нивното користење се разработуваат конкретни оперативни програми, насочени кон подобрување на квалитетот, за да се зголеми трговската вредност на продукцијата, а со тоа и на продажната вредност. Организациите на производителите ги признаваат сите членки на ЕУ, ако се усогласени со принципите и критериумите на ЕУ. Основни принципи за градење на организацијата на производителите се: демократичност, доброволно и неограничено членство, членовите се задолжуваат да учествуваат во економските дејности на организацијата, организацијата предлага услови и можности за најголема предност на своите членови, дејности со производители што не се членови се дозволени само како дополнение кон основната дејност на организацијата, практикување принципи за зајакнување на позициите.

За организации на производители што не се усогласени со горните принципи се предвидува преоден период. Најчести видови на организации на производители во Европа се:
– организации што остваруваат трговија со сите видови овошје и зеленчук;
– организации специјализирани за трговија само со зеленчук;
– организации за трговија со преработено овошје и зеленчук.
Корист за членовите на организацијата на производители:
– имаат многу поголеми можности да го проучуваат пазарот, подобро да го планираат и реализираат производството на различни видови зеленчук;
– вистински се подобрува врската производител-купувач;
– се зајакнуваат нивните позиции при формирањето на откупната цена, бидејќи се нудат поголеми серии со претпоставена сигурна гаранција за квалитетот на понудената продукција;
– се зголемуваат можностите за откуп и полно користење на специјализираната техника за сортирање и пакување на производите.
Од гледна точка на пазарот, се постигнува поголема концентрација на производството, постојаност на понудата и заострување на контролата врз квалитетот на понудените производи.

Ако се имаат предвид сите горенаведени предности на организациите на производителите, се поставува прашањето зошто во Македонија тој систем кај производителите речиси не постои или, ако го има, тој е во рудиментирана форма, зошто производителите немаат доверба во него. Сигурно е потребно преиспитување на одредбите од Законот за задруги и нивно приспособување на вистинските можности, сознанија и навики на земјоделските производители во Македонија. Особено е важно пропагирањето на погодностите и предностите што се остваруваат преку формирање на Организација на производители, што е задача пред сѐ на институциите поврзани со земјоделството и особено за производителите, што досега не беше доволно за да бидат „сите“ земјоделци запознаени со овие погодности. За состојбата, најголем цех плаќаат производителите на зеленчук, но и сите во Македонија.

проф. д-р Б. Анакиев
проф. Ромина Кабранова