Пазари во соседството има, нема патишта до нив

168
Дури и патот кон Косово е тесен и долг Фото: Игор Бансколиев

Освен повремените блокади, за слабата економска соработка меѓу земјите во регионот придонесува и лошата инфраструктурна поврзаност, конкретно со Косово, Албанија и со Бугарија. Пругата кон Бугарија се гради со години, кон оваа земја нема ниту автопатска делница, а слична е состојбата и со Албанија и со Косово

Македонската економија изминатите речиси три децении не бележи позначителен раст, иако нејзината позиција на Балканот овозможува таа многу побрзо да се развива и да придонесува за повисок стандард на нејзините граѓани.
Имено, Албанија, Србија, Косово, Бугарија и Грција се несомнено големи пазари и, секако, не е за запоставување можноста за пласман на македонски производи во овие земји, но освен во Србија и во Грција, и повремено на Косово, кај другите соседи земјава нема посериозен пласман на домашните производи.

Покрај тоа, наместо соработка често се случуваат трговски блокади. Токму пред извесно време Косово блокираше увоз на компир и мед од Македонија бидејќи претходно земјава го прекина увозот на икра и рибен подмладок од Косово, па беа потребни десетина дена преговори за кризата да биде надмината, а во меѓувреме штета трпеа двете економии.

Освен повремените блокади, за слабата економска соработка меѓу земјите во регионот придонесува и лошата инфраструктурна поврзаност, конкретно со Косово, Албанија и со Бугарија. Пругата кон Бугарија се гради со години, кон оваа земја нема ниту автопатска делница, а слична е состојбата и со Албанија и со Косово. А токму добрата инфраструктурна поврзаност е клучот за економски развој бидејќи таа овозможува брз и сигурен транспорт на стоката до сите пазари.
И некои од експертите сметаат дека државата недоволно ја користи својата географска позиција.

– Среде Балканот, мала мултикултурна држава (етнички, јазично, верски…) може да го поврзе целиот пазар на Балканот и да ги извлече предностите од оваа позиција. Замислете ги предностите во економска релација само со соседите – Албанија и Косово (плус 6 милиони пазар), Србија (плус 7 милиони), Бугарија (плус 8/9 милиони), Грција (плус 8/9 милиони) – наведува во својот блог професорот Абдулменаф Беџети.
Според него, досега речиси со сите соседи, наместо предностите биле изнесувани во преден план токму недостатоците, со што била создадена атмосфера на блокади и непријателски односи.

– Со нашите јазици, култури и етничка заднина, ние со сите овие соседни држави, подобро од секоја друга од нив (во геостратегиска и економска позиција) можевме да придобиваме од економски аспект. Затоа, значајно е да се подобруваат односите со Грција и со Бугарија. Овие односи беа стратегиски предуслов за подобрување и одржување и на економските односи во многу аспекти – смета Беџети.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од државата во периодот јануари – јуни 2019 година, изнесува 194.235.989 илјади денари и бележи пораст од 14,1 отсто во однос на истиот период од претходната година.

Македонија, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, повторно најмногу тргува со земјите од ЕУ, пред сè со Германија, Велика Британија, Грција и Италија. Од земјите од соседството, најголемо е тргувањето со Србија.

Како и да е, се очекува инфраструктурното поврзување со Косово преку автопатот што веќе е изграден до македонската граница, но и со Албанија и Бугарија, да овозможи засилена економска соработка меѓу земјите на Балканот, а Македонија, како центар, да почне да профитира од својата добра геостратегиска позиција.