Откупот на тутун заврши, просечната цена 217 денари

135
Фото: Игор Бансколиев

Откупот на годинашната реколта на тутун заврши, при што се исплатени средства за сите предадени количества. Вкупно се откупени 23.559.122 килограми тутун, со просечна откупна цена од 217,60 денари за килограм, информираат од Владата на Република Македонија.

Од типот „јака“ се откупени 2.447.601 килограм, со просечна откупна цена од 212,93 денари за килограм, а од типот „прилеп“ се откупени 21.111.455 килограми со просечна откупна цена од 218,14 денари за килограм.

– Откупот почна на 15 ноември во 2017 година, а заврши на 15 март 2018 година. Од регистрираните девет откупни компании, на терен откуп вршеа осум претпријатија. На еден правен субјект не му се дозволи вршење откуп на тутун поради необезбедени финансиски средства за исплата на целокупното договорено и откупено количество на тутун од тековната реколта – соопшти владината прес-служба.

Во согласност со Законот за тутун и тутунски производи инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство направиле контроли во сите пријавени откупни пунктови, при што е констатирано дека претпријатијата ги исполнуваат условите за откуп.
Откупот на тутун, се додава, се одвиваше во согласност со пријавената динамика од страна на откупувачите и помина во најдобар ред. Од страна на производителот или претставникот на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители не се дадени приговори за процената во однос на квалитетот и квантитетот на тутунот за откуп во моментот на предавањето на тутунот до Комисија за повторна процена формирана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за подрачјето каде што се откупува тутунот.

– Во согласност со Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, се воведе нов модел во три нивоа за субвенционирање на тутунот, со што е опфатен и тутунот од реколтата 2017 година. Односно, субвенцијата за прва класа изнесува 80 денари за килограм и тоа е првото ниво, за втора класа 70 денари, и третото ниво е 60 денари со субвенција за трета и четврта класа, како и за дополнителните класи. Наедно наскоро се очекува да се донесе и новиот Закон за тутун и тутунски производи, со кој се укинува поднесувањето на евидентните листови – потсетуваат од Владата.