Откупот на сливите минимален

119

Залудни ќе бидат три денари субвенција за сливите ако нема откуп и ако родот остане на нивите, реагираа производителите од Делчевско откако Министерството за земјоделство ја најави интервентната мерка за надминување на проблемот со откупот. Во овој регион, околу 4.000 тони сливи чекаат пласман.
Овоштарите од Радовишко сметаат дека има две причини за слабиот откуп, едната е големиот род, кој за 30 отсто го надминува ланскиот, а втората е тактизирањето на откупувачите, кои чекаат доплата од државата.
Во Македонија, покрај помалите овоштари со по 15 тони сливи, има и такви чиј род годинава достигнал 150-300 тони.

– Само во Радовишко има четири-пет милиони килограми слива. Сливата годинава роди секаде, и во Србија и во Бугарија, и тоа е можеби главниот проблем. Вториот проблем е тактизирањето на откупувачите, кои чекаат доплата од Владата. Ние остануваме на барањето да ни се процени дека на еден декар има по три тони сливи, иако, реално, има многу повеќе. Но прифаќаме процена на три тони за да спасиме што можеме – изјави Станко Манчевски, производител од Радовишко.

Според него, многу слабо се откупува, мали, незначителни количества, и тоа во вреќа или во гајби, а цената е пет денари за килограм за разлика од лани, кога достигна 22-25 денари.

– Наместо на пет пункта на кои би требало да се врши откуп, работат само два, кои преземаат по еден или два шлепера дневно, што се околу 40 тони сливи – истакнува Манчевски.

И производителот Славчо Десподов од Делчевско потврдува дека основниот проблем е што нема откупувач.

– Немаме официјална понуда од кој било откупувач за цената, а и откупот сѐ уште не е почнат. И да биде осум или 10 денари вкупниот износ на поддршката, пак ќе биде залудна ако не се појават откупувачи што ќе го земат родот од нивите. На терен, освен поединци што по некои стари канали ќе најдат начин да ја пласираат сливата, сѐ уште не е почнат откупот. Иако слушнавме дека одредени комбинати ќе откупуваат, засега немаме информација колку ќе откупат и по која цена. Претходните години откупувачи доаѓаа од цела Македонија, па и од Бугарија, но оваа година никој не се појави – нагласува Десподов.

Агрономот Раде Манасиевски вели дека квалитетот на сливата е одличен, а производството големо.

– Имаме огромно производство оваа година, за разлика од претходните години, кога поради мраз земјоделците трпеа загуби. Сега сливата е со одличен квалитет и со солидна шеќерна единица во својот состав. Проблем е што од преголемиот род, овошните дрвца ќе се скршат и овоштарите ќе претрпат големи штети. Да не зборуваме за болеста монилија што се јавува ако сливата остане на нивата. Во тој случај овоштарите ќе имаат проблем за наредното производство – објаснува Манасиевски.

Министерството за земјоделство завчера соопшти дека по два денара поддршка за килограм сливи ќе добијат регистрираните откупувачи и трговци за стабилизирање на откупот. Е.Р.