Фото: Архива

Со ребалансот на буџетот и измените што ги најави министерот за финансии, Драган Тевдовски, доколку нема нови предвремени избори, власта планира да ги покрива дупките на општините и на фондовите за здравствено и за пензиско осигурување. Со оглед на слабата искористеност на средствата предвидени за капитални инвестиции, економистите укажуваат дека планираниот ребаланс ќе има позитивни ефекти, но истакнуваат дека на долг рок ваквите дејства не се најповолни за економскиот раст.

Според предлогот за ребаланс, најавено е дека капиталните инвестиции од државата би се намалиле, што е и за очекување со оглед на тоа што годината изминува и нема многу време за почнување и реализација на голем број од предвидените проекти. Наместо тоа, се зголемуваат издвојувањата за фондовите за ПИОМ и за здравството, како и дотациите на општините. Тоа е зголемување на тековните трошења и покривање на големите долгови на општините. На економски план, тоа може да ја раздвижи малку економијата и да ја подигне стапката на економски раст за оваа година, но на долг рок ефектот ќе биде неповолен, затоа што ќе изостанат инвестиции што би дале значајни ефекти во следните години – вели професор Сашо Арсов од Економскиот факултет при универзитетот „Кирил и Методиј“.

Претставниците на институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, кои веќе алармираа за слабата искористеност на средствата предвидени во буџетот за капитални инвестиции, посочија дека токму тие сега се кратат.

– Капиталните инвестиции се главен двигател на економскиот раст, но и буџетска ставка што гарантира долгорочна одржливост на растот. За жал, нашето искуство покажува дека речиси секогаш капиталните расходи се цел на буџетскиот ребаланс, односно при секој ребаланс на расходната страна на буџетот се кратат дел од средствата планирани за капитални инвестиции. Овој пат, тоа беше сосема очекувано со оглед на многу малата реализација на планираните капитални инвестиции од само 16,6 процени во јули 2018-та, со што голем дел од средствата остануваат неискористени – посочуваат од „Фајнанс тинк“.

Од институтот истакнуваат дека е многу важно да се знае дали средствата што се релоцираат доаѓаат од комерцијални кредити или од друг извор.

– Дополнително, со овој ребаланс ќе се кратат капитални инвестиции што биле планирани да се финансираат со кредити, но сѐ уште не е јасно дали станува збор за кредити земени од комерцијален пазар или некомерцијални кредити што ѝ стојат на располагање на Владата. Доколку станува збор за оние првите, комерцијални кредити, тогаш ќе има дополнителен товар за економијата со оглед на тоа што ние сега ќе отплаќаме камата, а приносот од инвестициите за да ги надоместиме платените камати ќе го очекуваме многу подоцна – додаваат од „Фајнанс тинк“.

Главната забелешка од економистите е дека ребалансот на буџетот беше сосема очекуван особено поради многу ниската искористеност на средствата предвидени за капитални инвестиции, кои, доколку не се спроведе ребалансот, ќе останат неискористени.

Според најавите, со ребалансот најголем трансфер на средства треба да добијат општините што имаат неисплатени долгови. Сепак, точно колку пари и кои општини ќе бидат потпомогнати од буџетот ќе дознаеме откако ќе биде донесен нов закон, во кој би требало да има и механизми за спречување на натамошно трупање на долговите на општините.

При секој ребаланс најчесто се крати од средствата за капитални инвестиции
Фото: Дарко Андоновски