Оптимизмот се зголемува со растот на економијата

198
Фото: Дарко Андоновски

Во отсуство на тежиштен владин економски фокус и значајна подреализација на државните капитални инвестиции, економските резултати за првиот квартал се оптимистички, особено што приватниот сектор е главен генератор на економскиот раст. Во првиот квартал од 2019 г., БДП порасна за 4,1 отсто, покажувајќи ги првите постабилни знаци дека економијата добива нови шанси. Намалена е и невработеноста на 17,8 отсто

Какви се изгледите за раст на бруто-домашниот производ во следниов период со оглед на ниските капитални инвестиции? Дали забележаниот раст на БДП во првиот квартал ќе успее да се задржи и во текот на целата година разговараме со економските експерти, кои укажуваат дека растот е импресивен бидејќи е остварен без мешање на државата.
– Во првиот квартал од 2019, БДП порасна за 4,1 отсто, покажувајќи ги првите постабилни знаци дека економијата добива нови шанси. За разлика од претходно, растот е на поширокопојасна основа, со оглед дека најголем дел од секторите во економијата забележуваат пораст. Во овој квартал, двигател на економијата остануваат финалната потрошувачка и извозот, додека раните позитивни знаци кај инвестициите, забележани на крајот од 2018 година, сега се потврдени и стабилизирани. Во услови на отсуство на владин фокус врз економијата и значајна подреализација на државните капитални инвестиции, економските резултати за првиот квартал се оптимистички, особено што приватниот сектор е главен генератор на економскиот раст – велат од институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.

Оттаму додаваат дека позитивните придвижувања кај БДП се проследени со понатамошно значајно намалување на невработеноста на 17,8 проценти на крајот од првиот квартал од 19,4 отсто на крајот од претходниот квартал. Овој пад и понатаму се должи на зголемената побарувачка за работници во приватниот сектор, особено кај големите работодавци и во слободните зони, а делумно и на раздвижениот пазар на трудот поради активните мерки за вработување.

– Во согласност со ваквите резултати и очекуваните движења и политики во 2019 г., ја задржуваме проектираната стапка на раст на БДП за 2019 г. на 3,3 проценти, со значајно изразени нагорни изгледи. Проекцијата може да биде значително натфрлена до крајот на годината доколку Владата стави брз и интензивен фокус врз економијата, и особено врз овозможувачката средина за приватниот бизнис. Позитивен перцептивен импулс за растот ќе има и почнувањето на процесот на преговори со Европската Унија – додаваат од институтот.

Потпретседателот на Стопанската комора на Македонија и претседател на управниот одбор на Шпаркасе банка Македонија, Глигор Бишев, во својата колумна истакнува дека економијата во првиот квартал од 2019 година оствари импресивен раст од 4,1 отсто на бруто-домашниот производ (БДП). Посочува дека растот е импресивен, затоа што истиот тој е остварен без значително мешање на државата во економијата.
– Според податоците на Државниот завод за статистика, двигатели на растот беа домашната лична потрошувачка и инвестициите на приватниот сектор, додека нето-извозот имаше мало негативно влијание врз растот на БДП. Се покажа дека приватниот сектор преку невидливата рака на пазарните сили врши најефикасна алокација на ресурсите, кои обезбедуваат долгорочен раст, вработување и просперитет. Невидливата рака ги дефинира цените на стоките, услугите, работната сила, парите, капиталот преку урамнотежување на понудата и побарувачката. Така, и во случајот со економскиот раст во Северна Македонија се покажа дека двигател на растот и вработувањата е приватниот сектор, а државата треба да создава економски амбиент и здрави и ефикасни институции, кои индиректно ќе го поддржуваат растот – пишува Бишев.
Тој додава дека растот на бруто-инвестициите во првиот квартал е охрабрувачки и дека токму тие придонеле кон растот на БДП со 3,7 процентни поени.

– Ова треба да се трансформира во трајна карактеристика на економијата. Комбинацијата на домашни и на странски инвестиции (кои во претходната година достигнаа рекордно високо ниво), што е одраз на првите резултати од економските реформи и подобрената сигурност во земјата, треба да зајакне и бруто-инвестициите да станат двигател на преструктурирањето, новите технологии и иновации и конечно на растот на нето-извозот – додава Бишев. Според него, е потребен нов модел на економски раст на Република Северна Македонија, кој ќе биде воден од инвестициите на приватниот сектор, како и од растот на нето-извозот. Според Бишев, предност на нашата мала економија во изградбата на нов модел на економски раст е „брзо градење консензус помеѓу бизнис-заедницата, носителите на економските политики и академските експерти околу целите и мерките на инклузивниот модел на економски раст“.

Дека може да се очекува да продолжи растот на БДП во следниот период, потврдуваат и од Народната банка на Република Северна Македонија. Имено во извештајот од редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка беше посочено дека економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата.

– Во однос на најновите макроекономски показатели, тековно расположливите високофреквентни податоци упатуваат на натамошни поволни движења во економијата, видливи преку забрзаниот раст на трговијата и натамошниот раст на индустријата. Овие податоци, како и стапката на раст на економската активност од 4,1 отсто во првиот квартал од оваа година, која е блиска до проектираната, соодветствуваат со очекувањата за солиден економски раст оваа година – велат од НБРСМ.


Невидливата рака на пазарите

„Богатството на народите“ е најзначајното дело на шкотскиот економист Адам Смит, објавено на 9 март 1776 година. Книгата се смета за првото современо дело на полето на економијата и е лесно разбирлива одбрана на системот на слободен пазар. Книгата е напишана за просечниот образован човек од 17 век, а не за стручњаци и математичари.
Терминот „невидливата рака“ се однесува на способноста на пазарот да поправа на изглед катастрофални ситуации без интервенција од страна на владата и други организации. На пример, ако се јави недостиг од некој производ, цената на тој производ на пазарот се покачува, а се намалува неговото трошење, така на крајот се средува недостигот. Зголемената конкуренција помеѓу производителите и поголемата понуда исто така ја намалуваат цената на производот на неговиот производствен трошок плус мала заработка, т.н. „природна цена“. Смит верувал дека човечките мотиви се често себични и алчни, но конкуренцијата на слободниот пазар би била од полза за општеството во целина.

[email protected]