Опозицијата со амандмани на буџетот бара бесплатни ковид-тестови за сите граѓани

54

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Владата предлага, како што вели, партиски наместо граѓански буџет и посочи дека за предлог-буџетот на Македонија за следната 2021 година има поднесено 397 амандмани. Предлог-буџетот е во Собрание пред Комисијата за финансирање и буџет, и за него се поднесени 527 амандмани, од кои 397 од ВМРО-ДПМНЕ, 120 од Алијанса и Алтернатива, седум амандмани се на ДУИ и три на ДОМ.
– Поради нивната незаинтересираност, негрижа и неспособност да се справат и да им помогнат на граѓаните во овие тешки времиња, поднесовме 397 амандмани што се однесуваат на најголемите проблеми и предизвици со кои се соочува Република Македонија во изминатиов период. Имено, поднесовме амандмани што се однесуваат на здравствената криза предизвикана од ковид-19, за која сме рекордери во црните статистики и негативен пример. Поднесовме амандмани за бесплатни ПЦР-тестови за сите граѓани, како и за дополнителни мерки и помош за здравствените работници, но и за градежни зафати за изградба на нови и реновирање на веќе постојни инфективни одделенија низ болниците во Македонија – кажа Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи и дека преку амандманите бараат средства за помош на другите сектори што се погодени од оваа криза, но и за средства за набавка на компјутери за сите ученици од основното и средното образование што не можат да ја следат наставата, како и компјутери за сите наставници и професори во основните и средните училишта.
Од друга страна, на првиот ден од расправата за предлог-буџетот, министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека државата мора да продава имот, бидејќи нема простор за големи задолжувања.
– Оние претпријатија што ќе се понудат на продажба или како јавно-приватно партнерство сега претставуваат дополнителен товар за буџетот, а тоа значи помалку пари за развој. Формите како јавно-приватно партнерство и инвестициски фондови се нови начини на финансирање. Таков е и планот на Вархеи од девет милијарди евра за Западен Балкан и за привлекување дополнителен финансиски капитал – кажа Бесими.