Од идната година задолжителна вакцинација против син јазик

49

Вакцинацијата против болеста син јазик кај овците, козите и говедата, од наредната година ќе биде задолжителна, на трошок на одгледувачите, и ќе претставува услов за добивање субвенции. Ова го соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, кој информира дека е во тек подготовка на нова програма за здравствена заштита на животните, според која, земјава е поделена на вкупно осум региони за полесно следење на болестите и нивно сузбивање.
– По 2015 година во нашата земја повторно се појави син јазик во јули годинава, во одгледувалишта во Македонски Брод и во Кичево, каде што веднаш беа преземени мерки за забрана за движење на животните и убивање на оние што имаа изразени клинички симптоми. Од јули, па досега присуство на болеста е пријавено кај 452 фарми со вкупно 105.724 овци и кози. Врз основа на земените мостри, болеста е потврдена кај 3.381 грло, а изумрени се 1.787 – кажа Атанасов по посетата на овчарската фарма во скопското село Орланци.
Болеста ја има и во девет одгледувалишта со вкупно 770 грла, но засега е потврдена кај десет животни, а изумрени се три. Според Атанасов, се размислува за обесштетување на сточарите, но дали оваа мерка ќе биде прифатена треба да одлучи Министерството за земјоделство.

– Ако државата одлучи да донесе таква мерка, АХВ ги има потребните податоци во согласност со кои би се спровело обесштетувањето. Пред десет дена имавме состанок во МЗШВ, разговаравме за овој проблем. Но практика во светот е сточарите да бидат одговорни и на сопствен трошок да вршат вакцинација за да ги заштитат животните. Затоа, од идната година вакцинацијата против син јазик ќе биде задолжителна, на трошок на одгледувачите, и ќе претставува услов за добивање субвенции – напомена директорот.
Син јазик има во Косово, Албанија и во Грција, а болеста е потврдена и во Романија. Затоа, според Атанасов, борбата мора да биде заедничка, на ниво на регионот и пошироко, а не на ниво на секоја држава одделно зашто во прашање е вирус што се пренесува преку инсекти.
Во однос на бруцелозата, Атанасов информира дека бројката на заболени животни е драстично намалена. Блиску сме до добивањето статус „слободна земја“ од оваа болест.

– Во споредба со минатата година кога беа евидентирани 1.906 позитивни овци и кози во 198 одгледувалишта, годинава бројот е 959 грла и 52 одгледувалишта од вкупно 6.131. Според Институтот за јавно здравје, пак, годинава само едно лице имало бруцелоза за разлика од лани кога болеста била потврдена кај 14, а во 2018 година кај 11 лица – истакна Атанасов.
Тој очекува идната година да добиеме меѓународно признаен статус дека сме слободни од болеста чума кај малите преживари.
– До Светската организација за здравствена заштита на животните испративме досие за добивање ваков статус. Завчера ја добивме потврдата дека досието е примено. Се надеваме дека на Генералното собрание во мај 2021 година ќе добиеме статус „слободни“ од оваа болест. Ова е важно зашто полесно ќе тргуваме со живи животни и производи од животинско потекло. Наедно, со тоа се докажува и дека одговорните институции во државата се подготвени и можат да гарантираат дека малите преживари немаат чума – објасни Атанасов.