Одложените кредити предизвик и за граѓаните и за компаниите

170

Иако одложувањето на кредитите, на краток рок, има позитивно влијание, обврската за нивното враќање останува, поради што се создава опасност од трупање на долговите

Одложувањето на отплатата на кредитите за граѓаните и компаниите поради ковид-кризата беше прифатено на општа радост на кредитокорисниците, особено оние што беа погодени од рестриктивните мерки. Но со одолжувањето на кризата над првичните очекувања, како и на неизвесноста, која сѐ уште е надвисната над општеството и економијата, неминовно се наметнува прашањето колку одложувањето на кредитите, чија исплата сепак мора да се реализира, може да предизвика трупање на долговите.
Податоците на Народната банка покажаа дека голем процент корисници ја искористиле мерката за одложена отплатата на кредитите, мерка што ја прифатија банките, но која опфаќа пресметка на камата за одложениот период. Имено, во третиот квартал од 2020 година кредитите со одобрен грејс-период зафаќаат 43,9 отсто од вкупните редовни кредити на нефинансискиот сектор. Притоа, две третини од одложените кредити се на физичките лица, а остатокот на претпријатијата.
Претставниците на науката посочуваат дека иако одложувањето на кредитите, на краток рок има позитивно влијание, сепак обврската за враќање на долговите останува, поради што се создава опасност од трупање на долговите.

– Одложувањето на враќањето на редовните рати за отплата на кредитите го одложува проблемот кај повеќето од фирмите што добиле таква можност. Нивните долгови се натрупуваат, со неизвесност дали и кога ќе можат да ги вратат, со оглед на дополнително влошената состојба во целина и на големата неизвесност што надвиснала над општеството и, во тие рамки, на економијата, со оглед на фактот дека вирусната епидемија не стивнува, туку се најавува нејзино засилување. Ако нешто позначајно позитивно не се промени на тој план, тогаш поголем дел од фирмите или ќе работи со загуби или со минимални добивки, што ќе биде недоволно за непречено враќање на нивните достасани кредити – вели универзитетскиот професор Томе Неновски.
Наедно тој укажува дека ниту помошта од државата не може да трае вечно, со оглед на ограничените буџетски можности и потребите од натамошно задолжување на државата.
– Истовремено, некои анализи покажуваат дека во билансите на банките се натрупуваат обврски на фирмите што банките сигурно немаат намера да ги отпишат, затоа што тоа би било на нивна штета и би ја загрозило нивната профитабилност. Според тоа, одложувањето на враќањето на кредитите има краткотраен позитивен ефект, кој лесно може да се изгуби ако неповолните состојби во земјата продолжат да се продлабочуваат. Во такви услови, производството и продуктивноста на фирмите би можеле натаму да се влошуваат, а крајна неповолна последица би било зголемување на бројот на отпуштени работници со последователни негативни социјални ефекти. Впрочем, тоа во последните два-три месеци се случува и во најсилните економии, при што најкарактеристични се отпуштањата во Германија – истакна професорот Неновски.

Податоците покажуваат дека најзастапени меѓу одложените кредити се потрошувачките кредити (61,6 отсто), по кои следуваат станбените и кредитните картички и пречекорувањата на трансакциските сметки. Кај претпријатијата, најголем дел од кредитите со одобрен грејс-период се за клиенти од дејностите на здравствената и социјалната заштита, угостителската дејност и стручните, научните и техничките дејности. Во септември минатата година банките одобрија втор грејс-период за најпогодените клиенти, при што биле одложени кредити што опфаќаат 17,7 отсто од вкупните кредити, а најголем дел од нив се одобрени за компании. Претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, вели дека процентот на одложени кредити укажува на тоа дека голем дел граѓани и компании ја почувствувале кризата.
– Процентот од 44 отсто на одложени отплати по кредити говори дека кризата ја почувствувале голем број фирми и физички лица, а кај поголемиот број од нив кризата предизвикала и проблеми во ликвидноста. Финансиската помош што досега беше обезбедена и исплатена од страна на државата, беше условена со задржување на бројот на вработените во компаниите, а тоа сигурно влијаеше бројот на невработени да не биде поголем. Во многу компании не само што немаше откази туку се вратија „формално“ на работа и оние што беа ангажирани на определено работно време, само за да се добие помошта. Се разбира, ова не е одржливо на долг рок.

Ниту државата не може неограничено да го поддржува овој процес ниту, пак, компаниите што ги изгубиле купувачите и прекратиле со дејноста ќе можат неограничено да имаат во работен однос вработени што седат дома. Затоа е многу важно, во периодот додека трае петтиот сет на финансиска помош, компаниите да почнат нормално да работат и да можат самостојно да исплаќаат плати без финансиска помош од државата. Се разбира, сето ова зависи од надминувањето на здравствената криза, која е предизвик за сите земји во светот – објаснува Димитров.
Според него, најлошата варијанта е вирусот да трае до јуни, поради што и компаниите и државата ќе претрпат големи штети.
И Народната банка во своите анализи укажува дека одобрените одложени отплати на кредити претставуваат опасност за банкарскиот сектор поради можноста тие да станат нефункционални.