Ограничената инфраструктура го кочи транспортот

90
Фото: Игор Бансколиев

Во 2017 година, патниот товарен превоз доминира со учество од 96,4 отсто, во споредба со товарниот превоз со железница, додека во 2012 година тоа учество изнесувало 93,2 проценти

Патничкиот превоз на стока и лица доминира во Македонија. Во послeдниве години овој тип превоз расте интензивно, особено превозот на стоки. Голем раст има и во превозот на патници со авиони, додека во железницата има значително намалување и на превезените патници и на превезеното количество стоки. Ова се главните заклучоци од анализата на Државниот завод за стилистика насловена „Македонија во бројки, 2018“.
Како што може да се забележи од табелите, патниот и авионскиот превоз на патници имаат континуиран раст, додека превозот на патници со железницата се намалува.
– Во 2017 година доминира патничкиот превоз со автобуси со учество од 95,5 отсто, во споредба со патничкиот превоз со железница. Додека во 2012 година учеството на патничкиот превоз со автобуси изнесувал 93,4 проценти – пишува во анализата на ДЗС.

Од анализата исто така се забележува дека за само десет години патниот превоз на стока значително се зголемил, и од 24.359 превезени тони во 2007 година, количеството превезена стока во 2017 достигнало 64.221 тон. Од ДЗС посочуваат дека во 2017 година, патниот товарен превоз доминира со учество од 96,4 отсто, во споредба со товарниот превоз со железница, додека во 2012 година тоа учество изнесувало 93,2 проценти.

– Железничкиот превоз е ограничен, и да го има и да функционира истиот тој мора да се дополни со патнички превоз, бидејќи до секое складиште нема можност за достава со железница. Железницата е ограничена да превезува стока, најчесто од пристаништето во Солун до товариштата, а за стоката да стигне до крајната дестинација, потоа мора да биде превезена со патен превоз, кој има можност да стигне до секое место и на секоја дестинација – вели Билјана Муратовска од „Макам транс“.
Таа додава дека иако железничкиот превоз е ограничен, бидејќи не може да однесе стока секаде, тука е патниот превоз со кој се дополнува транспортот.
– Дури и да се зголемат можностите, односно да се прошири железничката мрежа и да се изгради за неколку години пругата кон Бугарија, пак ќе биде неминовно таа да се дополни со друмски превоз. Во Македонија бидејќи доминираат мали и средни претпријатија, кои се распрскани насекаде, со патниот превоз полесно се пренесува стоката до секоја барана дестинација. Железницата порано имала пристап до големите компании како „Железара“, „Фени“, но нема можност да доставува стока насекаде – истакна Муратовска.

Упатените во проблематиката на железницата исто така посочуваат дека една од причините за падот на првезените стока и патници по пругите низ Македонија се должи и на лошата состојба со превозните средства.
– Иако се набавени нови локомотиви и вагони, сепак, и тие честопати се расипуваат, па патниците се принудени да се префрлаат од еден во друг воз, или да чекаат на одредена локација дури се отстрани дефектот. Тоа ги демотивира и многумина бараат друг превоз за побрзо да стигнат до дестинацијата. Што се однесува, пак, до превозот на стока, проблемот е што се чека да се собере доволно количество пред да се испорача на долга патека, па со железница се превезуваат само габаритни производи, кои не можат да се пренесуваат со автобуси – велат познавачите.