Објавен тендер за отстранување на линданот од ОХИС

94

Меѓународен тендер за избор на технологија за отстранување на линданот и неговите изомери од кругот на фабриката ОХИС во Скопје е објавен вчера и се очекува да биде отворен до 11 ноември, информираат од Македонското еколошко друштво (МЕД). Тендерот е објавен на официјалната веб-страница на УНИДО. Од МЕД посочуваат дека проектната Канцеларија за неразградливи органски загадувачи (ПОПс) во изминатиот период ја комплетирала документацијата за објавување повик за меѓународен тендер за да се избере најдобро решение/технологија за деконтаминација на малата депонија сместена во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје. Од Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи при Министерството за животна средина и просторно планирање појаснуваат дека по пристигнувањето на понудите, ќе биде формирана комисија од страна на УНИДО, составена од меѓународни и национални експерти, која ќе ја избере најдобрата понуда, по што ќе следуваат активности за започнување со работа на терен, односно обезбедување потребна документација, обезбедување на просторот и превентивни мерки за заштита на околината и конечно започнување со чистењето. МЕД е носител на активностите за издигнување на јавната свест за влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина и процесот за неговото отстранување од ОХИС и правилно справување.