Обид Америка да го забави економскиот пад, каков ќе биде ефектот врз Македонија?

174
Дали евтините пари ќе го надоместат недостигот од суровини од Кина

Поради економското забавување предизвикано од ширењето на коронавирусот, првпат, од светската финансиска криза во 2008 година, Федералните резерви на САД прават значителен рез, односно толку големо намалување на каматните стапки

Федералните резерви на САД (ФЕД) ги намалија каматните стапки за 0,50 проценти и тие сега се движат во опсег од 1 до 1,25 процент. Според објавата на ФЕД, одлуката е донесена за да го спречат економското забавување предизвикано од рапидно ширење на коронавирусот. Ваквата одлука, според упатените во банкарскиот сектор, е очекувана со оглед на случувањата во светот, но наедно има и политичка заднина.
– За да се спречи негативното влијание врз економијата, бидејќи веќе се чувствува намалување на патниците во авионскиот сообраќај, а туристичките понуди се откажуваат, сега ФЕД се обидува да ја спаси економијата со вшприцување повеќе пари во стопанството. Дали ќе успее со ова да се спаси економијата, ќе видиме. Но ова е обид да се спаси економијата и знак дека не се плашат од инфлација. Од друга страна, бидејќи и во САД сме во предизборен период, оваа мерка може да е уште една од мерките што се во насока на докажување дека политиката што се води сега ги дава посакуваните економски резултати – објаснува некогашниот гувернер на Народна банка, Петар Гошев.

Тој објаснува дека ФЕД во своите одлуки секогаш има две цели, едната е ниска инфлација, а другата е ниската невработеност, и врз тие две правила ги носат своите мерки. Гошев додава дека, во согласност со информациите што ги има ФЕД, тие не се плашат од инфлација и намалувањето на каматната стапка за повеќе пари да влезат во стопанството, односно да се намалат каматите на кредитите, за инвеститорите да имаат повеќе пари на располагање.
– Каков ќе биде ефектот, останува да видиме. Дали и другите земји ќе преземат вакви чекори, исто така е тешко да се предвиди, иако очекувано, но мора да се има предвид дека во последниве години каматните стапки на кредитите се на најниско можно ниво. Поради ваквата состојба, можно е во некои ситуации да не помогне дополнителното намалување на каматните стапки – додава Гошев.

Иако по состанокот на Г7, седумте најголеми економии во светот со кои претседаваат САД, имаше најави од политичарите дека ќе ги преземaт сите неопходни мерки за да им помогнат на економиите да се изборат со ефектите на коронавирусот, сепак одлуката на Федералните резерви на САД да ги намали клучните каматни стапки дојде неочекувано.
Првпат, од светската финансиска криза во 2008 година, ФЕД прави значителен рез, односно прави толку големо намалување на каматната стапка. Претходно се шпекулираше дека каматните стапки може да се намалат за 0,25 процентни поени. Промената на каматната стапка требаше да биде на агендата за седницата на ФЕД закажана за 18 март, па американските медиуми коментираат дека Џером Пауел, лидерот на ФЕД, го стиснал црвениот аларм поради коронавирус.

– Вирусот, како и преземените мерки за да се запре тој, вршат притисок врз економската активност во САД и пошироко, а случувањата укажуваат дека состојбата ќе потрае – кажал Пауел по донесената одлука.
Претходно ФЕД објави дека е подготвена да ја поддржи економијата со приспособени каматни стапки. Ова е прво намалување на каматната стапка што го направи ФЕД во 2020 година, а минатата година имаше серија од три помали намалување, чија цел беше зајакнување на економијата и неутрализирање на ефектите од трговските тензии со Кина.

Пониските стапки треба да ги поттикнат бизнисмените да инвестираат, а потрошувачите да трошат и да позајмуваат, што, според упатените, е добар начин парите да „течат“ низ економијата. Стравувањата се дека поради недостиг од суровини или, пак, поради неможност да се транспортира стоката, многумина ќе се откажат од идеите за инвестиции или дека многу процеси ќе бидат стопирани.
Другите членови на Г7, Канада, Јапонија, Франција, Италија, Германија и Велика Британија, сè уште не прецизираа какви дополнителни мерки ќе преземат. Гувернерите на централните банки на Јапонија и на Велика Британија во изминатите денови најавија пад на клучните каматни стапки, додека пак францускиот гувернер истакна дека се планира фискално олеснување.

Се очекува потегот на Европската централна банка, која, според упатените, би можела да пристапи кон дополнително намалување на веќе рекордно ниските каматни стапки.
Најавени се дополнителни фискални стимулации и рефинансирање на компаниите за да им се обезбеди ликвидност. По вестите за падот на каматните стапки, имаше намалување и на тргувањето на берзите во САД, што, според економските аналитичари, се должи пред сѐ на стравот од предупредувањата на Пауел.
Во САД, епидемијата сè уште не е значително проширена, така што негативните ефекти врз економијата доаѓаат пред сѐ поради недостиг од суровини од Кина, што евтините пари не можат да го надоместат. 


Порасна цената на нафтата

Поради одлуката на ФЕД за намалување на каматната стапка на меѓународните пазари, порасна цената на нафтата, која се продаваше по 53 американски долари за барел. Исто така, од страв од намалена побарувачка поради ширење на коронавирусот, неколку клучни членови на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) размислуваат за намалување на снабдувањето за еден милион барели на ден, со што цената на барелот би достигнала 60 долари.