Обврзниците ги покажуваат првите заеднички придобивки од ратификацијата

953

Инвеститорите покажуваат интерес за македонските државни обврзници откако е отворен патот за приклучување на Македонија кон НАТО, додека Грција за првпат ќе продава обврзници по завршувањето меѓународната програма за финансиска помош, со што двете држави веќе ги чувствуваат придобивките од ратификацијата на Преспанскиот договор, пренесуваат светските медиуми. 

Македонските владини обврзници достигнаа највисоко ниво во последните неколку месеци, со раст од 3,5 центи во цената во последните десет дена, според „Трејдвеб дата“.

– Македонија е кредит што се движи во вистинската насока. По спогодбата, можеме да го видиме приклучувањето на државата во НАТО, а набргу ќе биде и кандидат за ЕУ – вели Марк Даудинг, виш портфолио-менаџер во фондот вреден 59 милијарди долари, „Блубеј асет менаџемент“. 

 Грција, пак, планира да ја почне продажбата на петгодишни обврзници во вредност од две милијарди евра, откако назначи банки за изведување на зделката, според извори на Блумберг. Продажбата на обврзниците ќе и овозможи на Грција земање на нови заеми, за откуп на долговите кон ММФ, како и за создавање фонд за покривање на долговите. 

– Ова е прилика за Алексис Ципрас да покаже дека ја враќа Грција во економска нормала во пресрет на изборите – смета Николас Вол, портфолио-менаџер од британската „Меријан глобал инвесторс“.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во ноември минатата година го советуваше Скопје да ја искористи можноста за побрза интеграција во ЕУ и за продолжување на реформите за засилување на управувањето, владеењето на правото, судството, како и да се справи со даночното избегнување. 

ММФ пронозира дека македонската економија ќе забележи раст од 2,8 отсто годинава, по двата отсто минатата година. Се очекува забрзување на растот од 3,5 отсто, врз основа на планираните инвестиции во инфраструктура и засилениот извоз.

– Пристапувањето кон ЕУ ќе дојде со многу реформски услови, а тоа го подобрува и управувањето во државата. Можноста за членство во ЕУ е позитивна – вели економистот Триу Фам, кој предвидува уште придобивки за Македонија, и покрај подемот на државните обврзници. М.Ж.