НФФ: Косовската одлука покажа дека пласманот е реален проблем на македонското земјоделство

240
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Косовската одлука за зголемување на царините само потврди дека пласманот на производите се уште е еден од најголемите проблеми на македонското земјоделство, смета Националната федерација на фармери (НФФ).

– Сегашната примена на оваа мерка од страна на Косово веќе создаде големи негативни последици: загуби во трговската размена од неколку милиони долари, намалени цени на откуп на домашните пазари, намалена доверба и сигурност во предадените количини при откуп, супституција на косовскиот пазар со други производи наместо традиционално извезените македонски во овој период од годината, наведува Федерацијата.

Според НФФ, земјоделската политика на државата треба да се фокусира на планирање, развој и унапредување на можностите за пласман. На таков начин потрошените буџетски средства многу повеќе ќе дадат резултат, отколку исплатата за веќе направени штети.

Став на Федерацијата е дека постоењето на ЦЕФТА како Коговор кој ја регулира слободната трговија, веќе години наназад укажува на неприменливост и поигрувања, посебно за државите во Југоисточна Европа.

– Оттука ЦЕФТА не е и не може да биде гаранција на успешна, отворена и функционална соработка, посебно меѓу соседни земји, наведува НФФ.