Нов тип плаќања – „Вестерн јунион“ безготовински трансакции во денари

89

Шпаркасе банка месецов го започна проектот за процесирање на безготовински „Вестерн јунион“ трансакции во денари преку Ерсте Груп Банка АГ.

За првпат на домашниот пазар, „Вестерн јунион“ преку својата електронска платформа им овозможува на клиентите реализација на прекугранични безготовински и електронски трансфери на средства во домашна валута (денари).

За овој вид на трансфери се користат услугите на „Erste Group Payment Function“ (Erste GPF) како „пејмент хаб“, во кој се насочуваат плаќањата од платформата на „Вестерн јунион“ кон Шпаркасе банка. Потоа, откако ќе се утврди дали крајниот корисник е клиент на Шпаркасе банка или, пак, е клиент на друга македонска банка, се постапува согласно правилата за спроведување на брз трансфер на пари.

За клиентите на Шпаркасе банка процедурата e идентична како за останатите трансакции по налог на нерезидент во корист на резидент во денари. Со оглед на тоа дека трансакцијата се одвива помеѓу две физички лица, банката може да спроведе постапка на директна наплата и може да ги одобри директно на тековната сметка на корисникот на наплатата, без претходна писмена информација добиена од корисникот – физичко лице, доколку во известувањето за пристигнатата наплата добиена од странската банка е наведено дека станува збор за личен трансфер на средства.

Овие трансакции ќе се реализираат без провизија за крајниот корисник – примач.