Нови жаришта на свинска чума во соседството, забраните продолжуваат

61
Фото: Архива

Се препорачува фармерите и натаму да ги спроведуваат биосигурносните мерки, а граѓаните што патуваат надвор да не носат во куферите храна од животинско потекло, особено не производи од свинско месо

Се зголемува будноста за следење на африканската свинска чума откако завчера било откриено уште едно жариште во Србија, кај Пирот, а пред една недела болеста беше потврдена и во уште четири реони на Бугарија. Во земјава, според надлежните, африканска чума нема, но во сила остануваат веќе донесените мерки и забрани.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, вчера објасни дека опасноста од африканска свинска чума не е помината и дека најверојатно ќе трае повеќе години. Поради ова, тој препорачува фармерите и натаму да ги спроведуваат биосигурносните мерки, а граѓаните што патуваат надвор да не носат во куферите храна од животинско потекло, особено не производи од свинско месо.

– Опасноста од африканска свинска чума во регионот не е помината. Претпазливост мора да има. Забраните и мерките што ги имплементиравме минатата година остануваат. И натаму е забрането да се чуваат свињи на отворено и да се хранат со помии – истакна Атанасов.

Директорот потсети дека за африканската свинска чума нема вакцина, поради што превентивните мерки се многу битни. Тој исто така информира дека од август 2019 година досега се отстрелани околу 1.000 диви свињи, но кај ниту една не е детектиран вирусот на африканска чума. Меѓу другото, првиот човек на АХВ појасни дека во ловиштата без концесионери се издаваат дозволи за отстрел.

Во однос на класичната чума, вакцинацијата на свињите е прекината на 30 септември 2019. Земјава во втората половина од 2020 година ќе побара Светската организација за здравствена заштита на животните да ѝ додели статус на слободна од болеста, а веќе од 1 јануари 2021 година се очекува да почнеме со извоз на свежо свинско месо и живи свињи. 


Вакцинацијата против беснило и јазлеста кожа заврши

Престанува вакцинацијата против јазлеста кожа кај говедата и против беснило кај дивите животни. Како што информира денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, опасноста од јазлеста кожа е помината, со оглед дека болеста не е присутна во земјава од 2017 година. Превенцијата ќе продолжи со следење на состојбата, односно со мониторирање на фармите. Ова важи и за беснилото, кое не е присутно од 2012 година, а последен пат вакцини во вид на мамки беа фрлени лани есента. И во овој сегмент ситуацијата ќе се следи со мониторирање.
– На добар пат сме да покажеме дека овие две болести ги нема кај нас. Тоа ќе значи можност за поголем извоз и унапредување на економијата, но и подобрена здравствена заштита и на животните и на луѓето – рече Атанасов.


Атанасов: Можно е поскапување на свинското месо

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, ги потврди оцените на ФАО дека е можно поскапување на храната, особено на свинското месо, поради болeста свинска чума.
Според земјоделците, свинското месо поскапува и заради свинската чума, но како фактори сигурно може да се сметаат и празниците, за кои вообичаено повеќе се купува свинско место, што ја крева цената.
– Во соседството има свинска чума, поради што се уништуваат фармите, и тоа е една од причините што поскапува свинското. Бидејќи поскапува во регионот, поскапува и кај нас, а тоа се должи на аспирациите на трговците, кои гледаат можност за поголема заработка. Дополнителна причина за раст на цените на месото беа празниците, бидејќи се зголеми побарувачката, а кога има поголема побарувачка се зголемува и цената – рече Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија.