Македонија најголем дел од трговската размена остварува со земји членки на ЕУ

Најавата за воведување нови царини на европски производи од страна на САД е нов удар за светската економија, пред сѐ за земјите од ЕУ, а индиректно и за Македонија

Царинската војна меѓу Соединетите Американски Држави и Европската Унија се продлабочува. Најавата за воведување нови царини на европски производи од страна на САД е нов удар за светската економија. Секое воведување царини или разни типови бариери ќе има лош импакт како врз економијата на земјите на кои се однесува царината така и на другите земји што соработуваат со нив, сметаат експертите.
Тие објаснуваат дека воведувањето царини на повеќе европски производи ќе се одрази лошо врз ЕУ, но индиректно и врз Македонија, која најмногу тргува со земјите-членки на Унијата, поточно со Германија. Сепак, тие не сакаа да навлегуваат во можни предвидувања за тоа колкави би биле штетите.

– Секое ставање царини е лошо, тоа веќе е позната работа. Во свет на глобализација, нереално е да се воведуваат разни забрани, туку најдобро е да се дозволи целосна либерализација. Ситуацијата е лоша, бидејќи по воведувањето царини кон ЕУ, таа ќе возврати со контрамерки, а тоа ќе значи нови бариери и уште поголема рецесија – вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Тој потврдува дека сосема е очекувано новата состојба да се одрази и врз Македонија, бидејќи земјата е поврзана со европските земји, односно најголем дел од трговската размена се прави токму со овие земји.

– Со овие царини на краток рок САД ќе имаат бенефиција, но на долг рок ќе изгубат и САД и ЕУ, ќе си наштетат самите себеси. Ова е чисто политички потег. Иако има врвни економисти низ САД што го критикуваат потегот за воведување царини, сепак, тие не успеваат да влијаат врз одлуките – додава Узунов.
Професорот истакнува дека многу е рано да се предвидат одлуките на ЕУ во насока на заштита на нејзиното производство, како и да се прогнозира дали и со какви мерки таа би реагирала на новите царини од САД.

– Не можеме да знаеме дали ЕУ ќе воведе нови квоти за Македонија или за други земји-извознички во ЕУ. Сепак, факт е дека тие ќе мора да го заштитат своето производство. Не мора тоа да се зголемени царини. Каква реакција ќе имаат, ќе видиме. Во секој случај, и да не воведат квоти или царини, новите мерки не се добри, и тие само ќе ја продлабочат рецесијата што е на повидок во ЕУ, што секако ќе се одрази и врз Македонија и другите мали земји. Ефектот од новите случувања или загубите е тешко да се предвидат, но факт е дека Македонија, како и другите мали земји, како Словенија, Хрватска и други, не можат да влијаат врз одлуката на никој начин – истакнува Узунов.

Тој наедно додава дека државата би можела да интервенира во вакви ситуации со различни монетарни или фискални мерки што може да ги преземе, но, сепак, за таква одлука се потребни посеопфатни анализи, кои ќе покажат дали и на кои производи ќе им биде потребна заштита.

За потсетување, деновиве администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување царини од 25 отсто на европски производи, како што се француски вина, италијанско сирење, шкотско виски и други продукти, како одмазда поради, наводно, нелегалните европски субвенции на „Ербас“.

Канцеларијата на американскиот трговски претставник објави листа со стотина европски производи на кои ќе им бидат наметнати нови царини откако Светската трговска организација (СТО) пресуди дека САД имаат право да воведат царини до износ од 7,5 милијарди долари за да ги надоместат штетите. Новите царини треба да стапат во сила на 18 октомври, а најголемиот дел од царините ќе се однесува на производи од Германија, Велика Британија, Франција и од Шпанија. На списокот се наоѓаат низа европски производи, меѓу кои кекси, салами, јогурт и путер, но заедничко е што листата се однесува само на производи од некои земји од Европската Унија, на пример на германското кафе и деловите за камери или британската волна и покривки, пишува Ројтерс.

САД нема да наметнат царини од 100 отсто на ниеден производ, иако одлуката на СТО им го овозможува тоа.
СТО во средата пресуди дека САД може да наметнат царини од 7,5 милијарди долари, бидејќи на толкав износ се проценува штетата што ја претрпел американскиот производител на авиони „Боинг“ поради нелегалните европски субвенции на ривалскиот „Ербас“.