Нова веб-алатка за споредба на цените на струјата

475

Регулаторната комисија за енергетика воведува функционална алатка за споредба на цените наречена „Свич“ (Switch.mk), преку која граѓаните и компаниите ќе можат транспарентно да ги следат малопродажните цени на електричната енергија.

– Македонија е прва држава во рамките на Енергетската заедница што воведува ваква функционална алатка. Обврската за ваков вид веб-алатки наменети за потрошувачите е наведена во новиот пакет на ЕУ-легислативата за електрична енергија, кој е усвоен во мај оваа година. Со нејзиното воведување, РКЕ покажува дека има капацитет и посветеност да ја донесе иднината, пред формално да има обврска за тоа, дури и пред голем број земји-членки на ЕУ да ја спроведат оваа реформа – истакна Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Оваа веб-алатка е наменета за малите потрошувачи и за домаќинствата и има цел да им помогне при нивниот избор на снабдувач со електрична енергија. Таа е достапна на три јазици – македонски, албански и англиски јазик. Потрошувачите може да направат споредба на достапните понуди од активните снабдувачи на пазарот на мало и да добијат јасни, сеопфатни и ажурирани информации за цените на електрична енергија, периодот на траење на договорот за снабдување, фактурирањето, како и другите услуги поврзани со снабдувањето со струја.

Во прикажаната индикативна крајна цена за електрична енергија, заради поедноставување на пресметката, не е вклучен надоместокот за јавно осветлување утврден со закон.

Веќе се објавени понудите, пред сѐ за компании што од почетокот на годинава може слободно да избираат снабдувачи на слободниот пазар. Во оваа категорија се и најголемиот број комерцијални потрошувачи, односно компании во нашата држава.
– Од моментално објавените понуди, за оваа категорија на потрошувачи може да се забележи дека разликата од најниската до највисоката понуда е дури 28 проценти, што укажува дека постои значителен потенцијал за заштеда на средства за компаниите, средства што може да ги алоцираат за други развојни потреби на својот бизнис, за отворање нови работни места, за зголемена ефикасност и конкурентност.

Сепак, тука би истакнал дека слободата на пазарот подразбира дека двете страни треба да поседуваат волја и интерес за да влезат во одреден договорен однос. Снабдувачите со електрична енергија на слободниот пазар имаат право да изберат со кој потрошувач ќе склучат договор, односно тоа значи дека за одредени потрошувачи е можно да нема соодветни понуди на слободниот пазар – додаде Бислимоски.