НЛБ Банка со нови кредитни продукти за поддршка на конкурентноста и енергетската ефикасност

63

НЛБ Банка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) минатата недела потпишаа договор за финансиски пакет кој е составен од две кредитни линии во вкупна вредност од 8 милиони евра. Овие нови кредитни линии се дел од Програмата за поддршка на конкурентноста и Програмата за финансирање на зелена економија (GEFF) и се наменети за правни и физички лица со цел да им обезбедат соодветната поддршка за инвестиции за енергетската ефикасност и подобрување на конкурентноста.

Во рамки на кредитната линија за енергетска ефикасност која е наменета за физички лица, НЛБ Банка воведе два кредитни продукти за поддршка на инвестициите во зелени технологии и тоа: Енерго Потрошувачки кредит за енергетска ефикасност, на износ до 25.000 евра и Енерго Хипотекарен кредит за енергетска ефикасност, на износ до 50.000 евра.

Овие кредитни продукти се наменети за инвестиции во изведба или реновирање на куќа или стан, а со цел постигнување енергетска ефикасност и намалување на трошоците за електрична енергија. Со овие кредитни продукти можат да се финансираат: енергетски ефикасни прозори и врати, топлинска изолација на надворешни ѕидови, под или покрив, топлински пумпи, котли на биомаса или гас, фотоволтаични системи и слично.

Преку кредитната линија за правни лица Конкурентност +, НЛБ Банка овозможува поддршка на конкурентноста на микро, малите и средни претпријатија (според ЕУ дефиниција). Инвестициите може да бидат исто така со сферата на енергетската ефикасност, но освен тоа подобни се и инвестиции во индустриски објекти кои ќе овозможат подобрување на производствените капацитети (опрема, софтвер), зајакнување на процесите и квалитетот на производите како и подобрување на конкурентноста и усогласеноста со техничките стандарди во согласност со ЕУ законодавството.

Како дополнителна придобивка на новите кредитни продукти е повратот на средства по успешно реализираните инвестиции, и тоа до 20% за физички лица и 15% за правните лица. Покрај ова правните лица ќе имаат можност и за консултантски услуги преку тим од локални и меѓународни експерти ангажирани од ЕБОР кои ќе овозможат бесплатно техничко советување, како и техничка помош во областа на одобрување и верификација на проектите.

Програмата за поддршка на конкурентноста е поддржна од ЕУ, додека Програмата за финанирање на зелена eкономија (GEFF) е поддржана од ЕУ, Австрија и Инвестициската програма за Западен Балкан.

Сите дополнителни информации во врска со овие кредитни продукти клиентите можат да ги добијат на веб-страницата на Банката, на телефон 02/15600 или во најблиската експозитура.