Компаниите што имаа пониска продуктивност пред пандемијата на ковид-19 се поранливи и помалку издржливи во оваа криза, а такви има многу во земјава, бидејќи не се преструктурирани според условите на модерното време и технолошкиот развој

Проблемот на продуктивноста во македонското стопанство одамна е присутен во нашата држава и многу малку е третиран, иако движењата на оваа економска категорија директно влијаат врз динамиката на стопанскиот развој и на подобрувањето на животниот стандард на населението. Од порастот на продуктивноста на трудот зависат динамиката на економскиот пораст и стеснувањето на јазот во степенот на развиеноста со земјите кон кои се стремиме да се приклучиме. Причините за ваквата состојба, според економистите, треба да се бараат и кај работниците и кај реалниот сектор, особено затоа што македонските компании во најголем дел не се преструктурирани според условите на модерното време и технолошкиот развој.
Според Благица Петрески, директорка на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, продуктивноста на македонските компании е ниска без напредок и е еден од клучните проблеми што се забележани речиси во сите извештаи.
– Тоа влијае врз севкупниот економски пораст, од една страна, и конкурентноста во глобалната економија, од друга страна. Истовремено, ниската конкурентност ги прави компаниите помалку отпорни, особено на вакви шокови, како што е ковид-19 – вели Петрески.

Таа додава дека анализата, која е во тек на изработка, покажува дека компаниите што имаа пониска конкурентност пред ковид-19 се поранливи и помалку издржливи на оваа криза, за разлика од компаниите што имаа повисока конкурентност.
– Некои од мерките и реформите што може да влијаат на вкупната продуктивност се јакнење на човечкиот капитал и технолошката развиеност. Во таа насока се зголемување на вештините на работната сила, продуцирање кадар со повисоки вештини, особено во техничките науки, стимулирање инвестиции во нова технологија и дигитализација, но и поврзување со мултинационалните компании, кои може да влијаат на „увоз“ на повисока продуктивност – истакна Петрески.
Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија, вели дека кога се зборува за продуктивноста, кај нас најчесто се мисли на тоа колку производи или услуги ќе изработи еден работник за еден час. И овде, според него, се наведуваат факторите на мотивацијата на работникот, работното време, висината на платата.
– Се разбира, продуктивноста, гледано малку пошироко, зависи и од видот на технологијата што се употребува и од начинот на организација на технолошкиот процес, а и едното и другото силно се поврзани со нивото на знаење на работникот. И ако сакаме да ја зголемиме продуктивноста на македонските компании, неопходно е да се подобри системот на образование што ќе продуцира кадри со многу повисоко ниво на знаење и специфични вештини – смета Димитров.

Вториот услов за зголемување на продуктивноста, според него, е да се вложува во нови машини и постројки со високо ниво на автоматизација и дигитализација.
– Само на тој начин ќе ја зголемиме конкурентноста на нашите компании на светските пазари и полека ќе ја менуваме структурата на стопанството и, наместо трудоинтензивни дејности со ниска додадена вредност, кои конкурентноста ја одржуваа со ниската цена на трудот, ќе отвориме компании со повисока додадена вредност, кои ќе им исплаќаат и поголеми плати на работниците – појаснува Димитров.
Тој додава дека засега ова останува само како желба, затоа што ниту е зголемено нивото на знаење на нашите средношколци и студенти ниту, пак, капиталните инвестиции во опрема и машини се на потребното ниво.
И од Светската банка се децидни колку се битни домашните компании за да ги подобрат конкурентноста и продуктивноста за постигнување посилен економски пораст во иднина. Оттаму нагласуваат дека поддршката за компаниите треба да биде насочена кон дигитализацијата, технолошкиот развој, подобрувањето на капацитетите за управување, поддршката на диверзификацијата на извозот, како и спроведувањето на европскиот зелен договор. Дополнително, регионалниот развој е од голема важност за економски напредок.
Од Светската банка велат дека нивото на севкупна продуктивност во Македонија е најниско во регионот и дека е потребна подлабока реформа. К.М.