Николовски: Словенија важен трговски партнер, работиме на зголемување на трговската размена

85

Потенцијалите на македонското земјоделско производство, поддршката и можностите за инвестирање во агросекторот и останатите области во Македонија, како и туристичката понуда на државава, се претставени на бизнис форум во рамки на саемот за храна и земјоделство АГРА2018, што се одржува во Горња Радгона во Словенија.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски на форумот потенцирал дека Словенија е важен трговски партнер на Македонија и оти македонската Влада работи на зголемување на трговската размена со Словенија.

– Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ секоја година од буџетот одвојува финансиски средства во износ од половина милион евра, за поддршка на извозно ориентираните фирми, за промоција на нивните производи на странските пазари, рекол Николовски, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Николовски ги охрабрил македонските и словечеките компании да ги искористат можностите за соработка.

Како што укажал претседателот на Собранието наСловенија, Дејан Жидан, вкупната трговска размена помеѓу двете земји лани во споредба со 2016 година бележи пораст, а исто така и годинава е регистрирано зголемување.

Македонија оваа година првпат е земја-партнер на 56-тото издание на еден од најголемите меѓународни саеми за храна и земјоделство во Централна и Источна Европа, АГРА 2018.

Република Македонија на саемот се претставува со нашите препознатливи земјоделски производи, нашата традиција, познатиот македонски вкус, како и можностите за инвестирање во македонскиот агрокомплекс.  Како земја-партнер Македонија, има свој штанд на кој што вкупно 27 македонски компании ги промовираат своите производи, меѓу кои има производители на органски производи, преработувачи на овошје и зеленчук, винарии, преставници од туристички агенции за промоција на туризмот во Република Македонија.