Нереалните плати во јавниот и во државниот сектор ја уништуваат економијата

645
Фото: Игор Бансколиев

Диспропорција во платите се случува само во сектори каде што нема реален пазар, велат упатените, посочувајќи дека во сектори каде што пазарот е развиен, валоризацијата на трудот кореспондира со знаењата и со обврските

Огласите за вработување во државниот и во јавниот сектор покажаа огромни разлики и голема несразмерност во платите, поточно дека валоризацијата на трудот не кореспондира секогаш со нивните знаења и обврски.
Последните огласи што ги забележавме велат дека за професор на еден државен универзитет надлежните се подготвени да одвојат од 22 илјади до неполни 35 илјади денари. Додека, пак, за местото помошник-директор во едно градско јавно претпријатие се одвојуваат 47 илјади денари. Иако не станува збор за нов тренд, туку, како што велат некои од нашите соговорници, за веќе позната практика, посебен проблем, според нив, е што нема одлучност кај властите нешто да се промени.

– Ваква диспропорција во платите се случува само во сектори каде што нема реален пазар. Во сектори каде што пазарот е развиен, ако некој не го плати работникот, тогаш ќе се најде друг што ќе го плати и ќе го преземе од претходниот работодавец. Во мојата фела нема толкави разлики во платите, тоа го има само во државната и во јавната администрација, каде што не функционира пазарната логика – вели Антони Пешев, претседавач на собрание при Стопанската комора на Македонија.
Пешев појасни дека во неговата компанија, поврзана со компјутерската технологија, уште кога се објавува оглас, се претпоставува кој сѐ може да се јави на него и колкаво треба да биде нивото на платата, па доколку не издвојат доволно средства, на конкурсот нема да се јават доволно кандидати.

– Едноставно, каде што има пазарна логика, нема толкава несразмерност меѓу платите. Кај професорите сѐ уште конкуренцијата не е доволно развиена, бидејќи приватните факултети не заживеаја за да им станат вистинска конкуренција на државните. Поради ова и нивните плати се ниски. Доколку има посилна конкуренција, сигурно дека состојбата ќе биде поинаква – посочува Пешев.

Тој додава дека во нормално пазарно општество, цените на трудот имаат реални параметри.

– Поточно, како и за сѐ друго, важи пазарната логика, ако нема работници, цената им расте, ако ги има премногу во некоја фела, цената им се намалува – додава Пешев.
Според него, во државава има многу неадекватно образовани лица, кои дури понекогаш се преквалификувани и кои се вишок на пазарот. Истите тие не можат да најдат работа и ќе мораат да се преквалификуваат кон оние струки што се дефицитарни на пазарот.

– Состојбата во информатичкиот сектор е таква што не можете да го задржите вработениот ако не го платите. Тие многу лесно можат да најдат работа каде било во светот и да заминат. Со замразнување на платите во администрацијата ќе се разлабави буџетот, ќе се намали притисокот за вработување во администрацијата и ќе се овозможи одреден дел од нив да се вратат во реалниот сектор. Немањето реална основа за платите во јавниот сектор ја уништува економијата, го задушува стопанството со поставувањето на нереално ниво на платите – додава Пешев.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, пак, истакна дека во државата нема желба да се надмине овој долгогодишен проблем и дека има многу нејаснотии во вработувањето во државната и во јавната администрација, особено за лицата што земаат плата а не одат на работа.

– За жал, односот кон вработените во јавните претпријатија и во администрацијата е проблем што долги години е присутен и кој тешко се надминува. Факт е дека денеска има високи плати кај јавните претпријатија, па дури и кај добар дел од државната администрација, а најверојатно такви и ќе останат. Едноставно нема таква политика со која ќе се уредат платите кај јавната администрација според вредноста на трудот и според стекнатото образование и стручност. Сепак, ова е проблем што не може да биде решен со неколку одлуки, декрети или со едноставни решенија. Не може ниедна влада веднаш да намали плати или, пак, да зголеми каде што треба. Но проблемот е што владите не навлегуваат во решавање на овој проблем. За такво решение пред сѐ треба да се има политичка волја, и тоа да не се одрази врз следните избори – кажа Хајредини.

Тој исто така укажа и на проблемот со вработени лица во јавната администрација што седат дома.

– Факт е дека оваа појава на вработени што земаат плата а седат дома почна во времето на претходната влада, но таа сѐ уште продолжува, и по промената на власта. Иако власта се смени и очекувавме да се укине практиката луѓе да на работат а да земаат плата, тоа сѐ уште функционира. Се прашувам по кој закон тие луѓе се вработени, добиваат плата, а седат дома и со ништо не придонесуваат за државата. Кога ваков проблем нема кој да го реши, кој ќе се одлучи да ги дели вработените на категории и да менува плати според стручноста – посочува Хајредини.
Според нашиот соговорник Горан Рафајловски од Стопанската комора на Македонија, платите на академските професори, пак, ниту во светот на се на задоволително ниво.

– За жал, ваквите ниски плати за универзитетските професори се светски тренд, никаде во светот универзитетски професор не заработува многу. Сепак, кај нас зборуваме за плата што ја одвојува државата, и едната и другата се обезбедени од буџетот, па несразмерно е вработен во јавна администрација да има плата поголема од професорите. Но сѐ зависи од позицијата што одредено лице ја има, па доколку станува збор за менаџерска позиција, каде што треба да се носат важни одлуки, или позиција со која лицето треба да обезбедат и средства, односно каде што има поголема одговорност, тоа треба да биде платено – посочува Рафајловски.

Тој смета дека професорите треба да бидат повеќе платени и дека плата од 20 до 30 илјади денари воопшто не одговара со академски живот. Но, сепак, според него, професорите би можеле да заработуваат дополнително доколку соработуваат со бизнис-секторот, како што практикуваат професорите низ светот.


Без студенти на физика и на хемија нема индустријализација

Горан Рафајловски од Стопанската комора на Македонија констатира дека во земјава, генерално земено, доминираат ниски приходи, односно ниски плати. Поради ова, вели Рафајловски, граѓаните честопати бараат и втор извор на средства за да ги покријат трошоците, па предлага и факултетите да си обезбедат дополнителни извори на финансии.
– Факултетите треба да прават планови за развој и соработка со бизнис-секторот, преку кои ќе имаат поголем прилив на средства. Но, би укажал на уште еден проблем, поврзан со образованието, а тоа е недостигот од студенти на основните науки како физика, хемија…, кои, пак, се основа за електро, машински, технолошки и други стручни факултети, а без стручни кадри нема развој на индустријата, нема индустријализација. Овој систем мора да се смени, ние и досега изгубивме многу поради недостигот од развој на индустријата, но и допрва ќе губиме ако продолжи ваквата тенденција во образованието – заклучи Рафајловски.