Фото: Игор Бансколиев

Растот на цените на храната нема да запре. Причините за ваквиот пораст на цените се
порастот на струјата, гасот и суровините, прекините во синџирите на снабдување, климатската криза… Компаниите од преработувачката индустрија најавија нови поскапувања следниве месеци, од што стравуваат потрошувачите. Но според аналитичарите, во еден момент може да се случи купувачите да прекинат или да намалат да го купуваат поскапениот производ и драстично да се намали побарувачката. Затоа, мора да се „игра“ внимателно со покачувањето на цените и прехранбените индустрии ќе мора да издржат дел од тој „удар“ на свој грб

Може ли товарот од покачувањето на цените да се подели и на произведувачите и на потрошувачите

Потрошувачите во Македонија веќе се директни сведоци на бурните случувања на пазарот на храна, како и на новите ценовници за речиси сите видови производи. Од месо и месни преработки, масло, житни производи, готови производи, зеленчук и овошје… Исто така, забележителен е и често нереален пораст на цените, што од страна на аналитичарите се коментира како обид на потрошувачите и трговците да ја искористат ситуацијата за лов во матно.

Голем скок кај цените на гасот, нафтата и електричната енергија и неизвесност на светските пазари на енергенти

Светските аналитичари сметаат дека за разлика од претходните години, сега растат цените на сите производи, а поголемиот дел од производителите ќе бидат принудени да прават нови ценовници бидејќи тие тешко одржуваат чекор со побарувачката.
Според последниот извештај на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), во септември цените на храната достигнаа највисоко ниво во последните 10 години, а овој пораст се должи најмногу на поскапувањето на житните производи и растителните масла. Некои од компаниите во светот ги зголемиле цените на повеќе од половина свои производи на домашниот пазар, но признаваат дека ги зголемуваат цените и за надворешните пазари. Во текот на пандемијата, поради мерките за контрола на заразата, производството на суровини (од земјоделски култури до растителни масла) во многу земји беше редуцирано, што резултира со намалени испораки. Сега државите се отвораат, но понудата не успева да одржува чекор со побарувачката, па затоа цените растат. На пример, Би-би-си нагласува дека производителите дополнително ги притиска неизвесноста на пазарот на енергенти и големиот скок кај цените на гасот, нафтата и електричната енергија.
Мигел Патрисио, генерален директор на компанијата „Крафт Хајнц“, вели дека потрошувачите мора да се навикнат на повисоки цени на храната, бидејќи светската популација расте, но не расте и бројот на земји што произведуваат храна.
– Сметам дека зголемените трошоци не би требало во целост да паднат на грбот на потрошувачите и дека компаниите ќе мора да преземат дел од тој товар. Индустријата и другите компании треба да се обидат поскапувањата да се сведат на минимум – вели Патрисио.
Минатата недела и „Пепсико“ предупреди дека се соочува со генерално зголемени трошоци – од транспорт до суровини – и дека најверојатно на почетокот на идната година ќе следуваат поскапувања на нивните производи.

„Фајненс тинк“: Во Македонија цените пораснаа за 3,7 отсто споредено со минатиот септември

Според податоците на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, во септември 2021 година, во Македонија цените пораснаа за 3,7 отсто споредено со минатиот септември, додека, пак, во последната деценија инфлацијата изнесуваше 1,4 отсто.
– Неколку фактори влијаат врз растот на цените, на пример потрошувачката на неесенцијални производи, и со напредувањето на вакцинирањето и отворањето на економијата, потрошувачката забрзано се зголеми. Цените на многу производи денес се значајно повисоки од истиот период во 2020 година. Дел од порастот на цените е таканаречен базен ефект (ниска споредбена основа). Следниот фактор е тоа што светската економија сѐ уште страда од прекини во синџирите на снабдување, додека побарувачката расте, што значи дека нерамнотежата помеѓу понудата и побарувачката притиска врз цените и дел од порастот на цените е последица на оваа нерамнотежа – потенцираат од „Фајненс тинк“.
Оттаму нагласуваат дека еден од факторите за растот на цените е и енергетскиот дисбаланс, додавајќи дека базниот ефект ќе исчезне во првата половина од 2022 година и дека ќе има нормализирање на трговските текови.
– Поголем дел од притисокот врз цените се очекува да исчезне до средината на 2022 година. Но властите мора да останат будни и да дизајнираат мерки што ќе ги заштитат најранливите од евентуални трајни ценовни ефекти, а притоа нема да му наштетат на постпандемиското закрепнување – посочуваат од „Фајненс тинк“.

Нивелирање на цените по пандемијата?

Сопственикот и бренд-менаџер во компанијата „Македонија – експорт“, Калин Бабушку, вели дека растот на цените на прехранбените производи нема да запре и дека и во иднина ќе се зголемуваат и доколку државата не интервенира, нема да има стопирање во растот на цените.
– Но секако, тоа не може да оди до недоглед иако преработувачките индустрии би сакале да биде така. Во еден момент, купувачите веќе ќе прекинат или ќе намалат да го купуваат тој производ и нема да има побарувачка. Затоа, мора да се игра внимателно со покачувањето на цените, а прехранбените индустрии ќе мора да го издржат тој „удар“. Некои прехранбени сектори и пред оваа вештачка криза ги покачија цените и сега повторно ги зголемуваат. На долг рок, тие ќе изгубат, бидејќи купувачите знаат да го проценат тоа – објаснува Бабушку.
Како што вели тој, нивелирање на цените по пандемијата е повеќе од очекување затоа што голем број фабрики во светот ги затворија своите погони, нема од каде да се земе суровина и останаа само неколку.
– Тие неколку немаат капацитет да ги опслужат сите што им бараат и бидејќи има голема побарувачка кај нив, тие ги зголемуваат цените. Ако можат некои потрошувачи да купуваат по таа (повисока) цена, тогаш секако тие прво нив ќе ги опслужат и лавината започнува. И поради тоа ќе бидат погодени речиси сите производители на храна. Сметам дека спасот е во консолидација, па, според мене, треба да се соберат повеќе фирми и да побараат понуда за енергија, суровина, тогаш ќе сме и поголеми и можеме да се бориме. Но за тоа треба свест и соработка помеѓу фирмите конкуренти – истакнува сопственикот на „Македонија експорт“.
Тој нагласува дека еден од факторите то влијаат на цените е и тоа што Македонија е увозно зависна земја и дека речиси сѐ увезуваме и ако тие продукти се зголемени, тогаш несомнено е дека и крајниот продукт ќе се зголеми.

– Тука мислам на основните суровини што прехранбените индустрии ги користат во производство и енергентите то влијаат во одредени гранки и со поголем процент. Прехранбената индустрија може да влијае на тие фактори, но како и секогаш, се најде затекната. Да инвестираа во алтернативни извори на енергија во минатото, сега немаше да дојде до ова и ќе можеа да се поконкурентни на пазарите. Оптимизацијата и автоматизацијата се втората работа на која требаше одамна да се инвестира – смета Бабушку.
Здравко Савески, економски аналитичар, вели дека растот на цените на храната, кој се очекува да продолжи на светскиот пазар, не може да не се одрази и врз цените кај нас. Според него, главната причина е климатската криза.
– Поради сушите, невремињата, поплавите и пожарите, а и поради исцрпување на плодноста на почвата, се намалуваат приносите, а тоа ги зголемува цените. Тоа се случува и кај нас, но и во целиот свет. На пример, родот на пиперките е преполовен поради високите температури летово. Сето ова, се разбира, негативно ќе се одрази по животниот стандард на граѓаните. И сето ова кажува дека треба итно да престане третирањето на климатската криза како изолиран еколошки проблем, кој нема последици по животниот стандард – нагласува Савески.
Како што споменува тој, потребно е вложување во земјоделството од страна на државата, исто така интензивна климатска акција, а и преиспитување на политиката на цени, во смисла проширување на спектарот на регулирани и контролирани цени од страна на државата.


Во Германија има најголем раст на цените во последните три децении

Цените во Германија растат како никогаш порано во последните три децении.
Греењето, бензинот и храната се значително поскапи, што има врска со зголемувањето на цените на енергијата и повисоката побарувачка, а сето тоа се случува паралелно со олеснување на пандемијата.
Имено, според „Дојче веле“, во септември, цените во Германија се зголемиле за 4,1 отсто во споредба со истиот месец минатата година и ова е првпат инфлацијата да надмине четири проценти од 1993 година, објави Федералното биро за статистика.
Економските експерти посочуваат дека зголемувањето на цените придонесе и за зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за некои производи, а заедно и глобална стагнација на испораките на стоки и метеж на светските пристаништа.
Една четвртина од германските домаќинства се греат на нафта, што е дури 76,5 отсто поскапо отколку пред една година. Греењето на гас, кое го користат половина од домаќинствата во Германија, во септември беше поскапо за 5,7 отсто, но не е исклучено тоа да биде уште поскапо. Од оваа година се воведе данок за емисија на јаглерод диоксид од 25 евра по тон од тој штетен гас, а тоа, секако, влијае на пазарот со нафта и нафтени деривати и се прелева во цената.
Според Федералното биро за статистика, Германците имале и рекордни цени на храната во септември, што забележа просечно зголемување од 4,9 отсто во споредба со септември 2020 година. Цените на зеленчукот се зголемиле најмногу – 9,2 отсто, маслата за јадење – 6,4 отсто, млечните производи и јајцата – 5,5 отсто, а месото и месните производи – 4 отсто.