Неолибералната револуција

313

Научно истражување што го оправда гневот на државите во развој наспроти глобализациските елити (3)

Во првата фаза од неолибералната револуција, англоамериканската двојка Реган – Тачер даде пример што требаше да се следи: дерегулација, делокализација и приватизација. Во почетокот на 1980-тите години, цел на втората фаза од неолибералната револуција беше СССР да се фрли на колена. Клучна улога во ова имаше вториот основач на групацијата „Билдберг“ и Трилатералата, кумот на американската геополитика на новиот светски поредок, полскиот гроф Збигњев Бжежински. Наскоро по тоа, од една страна, изборот на папата Полјак ја дестабилизира комунистичка Полска – клучниот премин за секој поход кон Русија. Од друга страна, откако „војната на ѕвездите“ ја исцрпи советската економија, а западната поддршка за авганистанските исламисти ја исцрпи Црвената армија, привилегираните односи на Лондон и Вашингтон со Денг Ксијаопинг (во текот на преговорите околу ретроцесијата на Хонгконг на Кина во 1984-та) постепено ја трансформираа најнаселената светска комунистичка држава во клучен економски сојузник на Западот. Кина ги привлече големите западни корпорации, нудејќи им работна сила по цени надвор од сите конкуренции, изолирајќи ја така советската зона и осудувајќи ја на постепено одумирање.

Неолибералната светска заедница чекор по чекор движеше кон прекумерно задолжување на државите, берзански и банкарски шпекулации и надувување на финансиските балони. На тој начин, во деценијата 1980-1990, и покрај двата краха на берзата (октомври 1987 и октомври 1989), први по „црниот четврток“ (фамозниот крах во октомври 1929), вредноста на индексот на Дау Џонс се зголеми за трипати. По секој ваков крах, односно финансиска криза, ФЕД реагираше со печатење долари. Ова не само што не ги алармира Европејците туку и ги поттикна на понатамошни дерегулации, приватизации и имплементации на нормите што пристигнуваа од другата страна на Атлантикот.

Малобројните и ретки противници на дерегулацијата целосно замолкнаа по падот на Берлинскиот ѕид и СССР. Капитализмот триумфира над комунизмот. Откако ја снема идеологијата што му се спротивставуваше, се запре со изградбата на ЕУ во моќен и автономен светски играч, а се прифати идејата за голем европски пазар и брзо проширување на ЕУ. Сето ова беше во функција на англоамериканските геополитички и геоекономски политики, кои најмногу ѝ одговараа на обединетата Германија (брзо дојде до евтина квалификувана работна сила од своето најблиско соседство и можност за рентабилна делокализација во своите производствени сегменти). Големите американски корпорации, Пекинг и Вашингтон, постигнаа договор со кој Кина беше задолжена за масовно производство на артикли и нивен извоз во високоплатежните држави (САД и ЕУ). Така Кина ја вработи својата популација и разви индустриски капацитети, согласувајќи се да рециклира дел од извозните приходи, купувајќи американски државни обврзници, чија емисија е поврзана со порастот на американскиот трговски дефицит. Истовремено во САД, каде што меѓу поддржувачите на овие политики имаше повеќе демократи одошто републиканци, како и во Европа, која ја следеше, милиони луѓе останаа без работа, платите стагнираа, се сечеа бенефициите на работниците и средната класа.

Помеѓу 1990 и 2000 година, власта ја презедоа англосаксонскиот капитал (банките), пензиските и инвестициските фондови, а во тоа најголема поддршка добија од администрацијата на Клинтон. Тајниот договор меѓу владата на Клинтон и Волстрит беше толку очигледен, што некои од американските медиуми владеењето на Бил Клинтон го окарактеризираа како „влада Голдман-Сакс“. Во 1999-та, со чинот на укинување на законот Глас-Стегал (раздвојување на пазарното и инвеститорското банкарство), кој беше донесен во 1933-та, по иницијатива на Франклин Рузвелт, за да се заштитат штедачите од банкарски шпекулации, комплетно се отворија вратите за девијациите на финансискиот капитализам. Од систем на производство со помош на капитал, капитализмот се трансформира во систем за производство на капитал. Така капиталот стана цел сама за себе а ЛБО (Leverage buy out = откупување компании), се претвори во посакуван модел на преземање пропаднати компании. По приспособувањето на правната рамка и даночната политика според потребите на финансиското лоби, акционерите на инвестициските фондови, благодарение на ЛБО-начинот на преземање фирми (кој главно се потпира на кредит), најпрвин ги исцедуваа купените компании со отплата на долговите, а потоа добро заработуваа по пат на нивна препродажба. Со ваквите преземања беа уништени цели американски и европски индустриски сегменти и се генерира новата претприемачка каста милијардери. Во исто време, дојде до трансформација во дејствувањето на корпоративните менаџери, кое веќе не се одвиваше во служба на правното лице – компанијата што има одговорност кон вработените, клиентите и државите, туку во служба на акционерите што дистрибуираат награди за заслужните лица: „златно здраво“, опции за акционерство, „златни падобрани“, премии и бонус-планови. Колку се поголеми дивидендите за акционерите на компанијата, толку е поголема вредноста на нејзините акции на берзата, а со тоа и приходите на менаџерите.

Па, така, менаџерите веќе не се двоумеа масовно да отпуштаат работници, да ги екстернализираат активностите или да затвораат рентабилни фабрики поради нивно преместување на пазарите со поевтина работна сила и реализација на поголем профит. Целта ги оправдува средствата. Според неолибералниот глобализациски модел, државниот систем на социјална заштита претставува синоним за тешка бирократија и неефикасност, а одумирањето на државите е неминовно. Мултинационалните корпорации почнаа да ја користат оваа теорија за да го оправдаат своето избегнување на плаќање даноци и нивна оптимизација, односно делокализација на профитот во држави со најниски даночни стапки или во даночни раеви.

Се смета дека на овој начин, само од САД се „извлечени“ над 2.000 милијарди долари и создаден е свет во две бои, во кој малите и средните претпријатија немаат ниту волја ниту можности за оптимизација на даноците, па ги плаќаат по највисоки стапки.

(Утре: Револтот на губитниците на глобализацијата)