Немодернизираните патишта го кочат стопанството во Пелагонија

110
Фото: Игор Бансколиев

Пелагонискиот Регион оваа година не е вклучен во плановите за капитални инвестиции поради што тамошните регионални комори, како членки на Стопанската комора на Македонија, меѓу другото, ја обновија иницијативата за модернизација на регионалната патна инфраструктура, како и на патниот правец Меџитлија – Битола – Прилеп – Велес.
Од коморите велат дека таму се создаваат 11,3 отсто од БДП и работат над 8.300 компании, со вкупно 130.000 вработени. Тие апелираат што побрзо да се сретнат со премиерот Зоран Заев и со владиниот економски тим за, како што велат, да ги изложат аргументите повторувани 20 години, а кои се во функција на подобрување на економската ситуација.
Иницијативата за ова патно решение првично e поведена на седница на Управниот одбор на Регионалната комора со седиште во Прилеп на 13 јуни 2005 година и на седница на Управниот одбор на Регионалната комора со седиште во Битола на 17 ноември 2010 година, каде што се спомнува главен проект од 1997 година за истиот пат во должина од 52,65 километри т.е. 71,87 километар.

– Во последните три години за ова прашање е дискутирано со највисоките претставници на извршната власт, и тоа на неколку последователни средби и работни состаноци во Прилеп и во Битола. Оваа иницијатива ќе има големо значење и за работењето на компаниите од Југозападниот Регион, кој учествува со 19,5 отсто од БДП, но и за поврзување со Република Грција со околу 250.000 жители во пограничните региони и со Република Албанија со околу 150.000 жители во пограничниот регион, така што ќе биде опфатен регион со околу еден милион жители – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија. К.П.