Нема работници за машинската и за енергетската индустрија

230
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уписната политика е иста како и во претходните години, повторно се форсираат гимназиските паралелки, наместо да се зголемува бројот на ученици во стручните училишта, е заклучокот од најновото истражување на пазарот на трудот

Заварувачи на метали, аргонски заварувачи, ракувачи на градежна механизација, оператори и програмери на ЦНЦ-машини, бравари, водоинсталатери, електротехничари, хемиски техничари… Ова се само некои од струките со средно образование, кои во последниве години се на листата на дефицитарни занимања. Компаниите исто така имаат недостиг и од високостручен кадар, односно машински, електро, технолошки, хемиски и информатички инженери, лабораториски биоинженери, фармацевти…

Ова се резултати добиени од истражувањето спроведено меѓу компаниите од машинската и енергетско-електронската индустрија за потребите од квалификуван кадар за пазарот на трудот, кое го спроведе Центарот за меѓуетничка толеранција во рамките на својата програма за едукации, преквалификација и доживотно учење, во соработка со општината Гази Баба и фондацијата „Фридрих Еберт Штифтунг“.

– Над 650 работници со средно образование, квалификуван кадар, во делот на машинската и енергетска индустрија во моментов се потребни за компаниите што се сместени само во општината Гази Баба – информира Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција на презентацијата на истражувањето за одливот на мозоци, насловена „Туѓината пуста да остане, државата празна ни остана“.

Истражувањето исто така покажало дека на пазарот на трудот од струките што се оформуваат со средна стручна спрема, има голема потреба и од месари, пекари, ѕидари, фармацевтски техничари, одржувачи на хигиена, готвачи, ИТ-техничари, медицински техничари, транспортни работници за магацин и друг квалификуван и неквалификуван кадар.

Димовски смета дека долги години во образованието се водела погрешна уписна политика.

– Уписната политика со новиот конкурс на Министерството за образование повторно е истата од пред две, три, четири или пет години. Повторно се форсираат гимназиските паралелки, бројот на ученици таму се зголемува, наместо да се зголемуваат стручните занаети, паралелки што се потребни за компаниите и за пазарот на трудот – додава Димовски.

Директорот на СУГС „ 8 Септември“ Кенан Асани информира дека лани во училиштето се запишале само 14 деца.

– Првиот чекор што го направивме е стипендирањето, сите компании едногласно стојат зад тоа. Втората карактеристика е што по завршувањето сите ученици ќе бидат вработени, што досега ниедно училиште не го понудило. На почетокот беше тешко, но сфативме дека децата мора да се стимулираат. Сега сите компании едногласно стојат зад ова и ги стипендираат сите деца што учат и што ќе се запишат кај нас, а по завршувањето на образованието ќе бидат вработени во компаниите. Сега е многу модернизирано машинството, сѐ е компјутеризирано – појасни директорот и додаде дека е неопходно создавање стручен кадар за развој и просперитет на државата.

Градоначалникот на општината Гази Баба, Борис Георгиевски, ги охрабрува младите, кои сѐ уште не одлучиле каде сакаат да го продолжат своето образование, да одберат струка што ќе им донесе знаење и подготвеност, за потоа полесно да дојдат до работа соодветна на нивното образование.

Целта на овој проект е да се насочат младите да ги изучуваат стручните насоки, кои ќе бидат стипендирани, и притоа да научат да читаат техничка документација, да бидат подготвени кога ќе отидат во компаниите што им гарантираат вработување и со своето знаење да создаваат во сопствената држава, наместо да тапкаат во место или да бегаат во странство.