Нелојалната конкуренција го задушува туризмот

812
Фото: Игор Бансколиев

Загуба трпат хотелите и сместувачките капацитети што се легално пријавени, државата, која не си ги прибира средствата од такси за престој и гостите, кои се подложни на секакво сместување во супстандардни услови

Постојат голем број неевидентирани, нестандардизирани, некатегоризирани и неконтролирани сместувачки капацитети во Македонија и потребно е инспекциските органи да се ангажираат повеќе и да извршат контрола. Прашањето е како да се елиминира нелојалната конкуренција во согласност со продажбата на хотелските и другите видови услуги за ноќевање преку светски познатите онлајн-оператори во услови на нерегулирана категоризација на сите сместувачки капацитети што постојат на пазарот и непостоењето регистри на објектите, освен за хотелите. Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија во изминатиот период реализира повеќе активности со конкретни иницијативи за изменување и дополнување на законската регулатива во секторот, за остварување подобри резултати, кои треба да покажат и поголемо влијание во угостителството и туризмот во домашната економија.

Заменик-претседателот на здружението, Горан Дамчевски, нагласи дека во Македонија има 450 евидентирани, стандардизирани, категоризирани хотели, а на платформите за онлајн-издавање или за резервирање (букирање) за Скопје има 600 пријавени објекти и 1.500 за Македонија.
Тој посочи дека треба да се воведе ред во овој дел од работењето и да им се олесни работата на оние што се легално регистрирани.
– Ни пречи недоволната контрола од страна на инспекциските органи во смисла на проверка кој издава, колкав денарски или девизен прилив имаме во Македонија. Има отсуство на евиденција на патници односно физички лица, кој и каде престојува. Државата нема увид што се пласира преку „Букинг“, „Ер БНБ“ – истакна Дамчевски.
Според него, загуба трпат хотелите и сместувачките капацитети што се регистрирани, легално пријавени, државата, која не си ги прибира средствата од такси за престој и гостите, кои се подложни на секакво сместување во супстандардни услови, затоа што има нелојална конкуренција.

Членките на здружението не се против функционирањето на платформата за онлајн-продажба дотолку повеќе што и Македонија е пазарно ориентирана држава. Притоа, истакнуваат дека онлајн-операторите се сериозни туроператори преку кои во светски рамки се одвива продажбата на сместувачки капацитети во голем процент.
– Нивното постоење и функционирање и на македонскиот пазар има големо значење, бидејќи процените на бизнис-секторот се дека околу 50 отсто од вкупниот обем на продажба на хотелските услуги се одвива преку „Букинг“ – нагласува Дамчевски.
Како што вели тој, доколку се воспостави систем на следење и контрола, ќе се елиминира нелојалната конкуренција и ќе се намали сивата економија.
Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија вели дека здружението во изминатиот период реализирало повеќе активности со конкретни иницијативи за измени и дополнувања на законската регулатива во секторот за остварување подобри резултати, кои треба да покажат и поголемо влијание во угостителството и туризмот во домашната економија.

Како што неодамна истакна за „Нова Македонија“, Дончо Нацев, сопственик на туристичката агенција „Арбо травел“, постои нелојална конкуренција и кај нив, при што проблеми им прават индивидуални лица што продаваат аранжмани иако никаде не се регистрирани или, пак, не исполнуваат одредени лиценци.
– Во моментов во Македонија постојат многу регистрирани туристички агенции, кои своите лиценци ги добиваат од Министерството за економија на РМ, и се нема никаква контрола од страна на инспекциските служби колку од нив ги исполнуваат определените лиценци и закони за функционирање – нагласува Нацев.
Тој додава дека оние со А-лиценца треба да ги исполнуваат следните услови: да имаат минимум 5 вработени, лиценцирани со соодветни лиценци како што се ИАТА, БСП, лиценцирани придружници, познавање минимум еден од светските јазици, минимум едно лице со високо образование.
– Агенциите со А-лиценца можат да работат појдовен и дојдовен туризам, додека кај агенциите со Б-лиценца можат да работат само дојдовен туризам или домашен. Повеќето од агенциите со Б-лиценца во своите програми имаат програми надвор од Македонија со фиктивни договори со агенции со А-лиценца. Сето оваа придонесува многу од граѓаните на Македонија да се решаваат за ваков тип аранжман – објаснува Нацев.

Како што вели тој, време е да се донесе нов закон во туризмот, кој ќе биде подециден, закон со кој секоја агенција со А или со Б лиценца треба да обезбеди банкарска гаранција, која ќе биде еден вид сигурност за клиентот што патува.
– Се надевам дека во скоро време ќе биде формирано и министерство за туризам, туристичка инспекција со соодветни стручни лица што ја познаваат проблематиката од туризмот. Само на таков начин може да размислуваме за враќање на довербата на македонскиот турист во македонските туристички агенции – смета сопственикот на „Арбо травел“.