Неизвесна договорената испорака на тутунот

67
Фото: Игор Бансколиев

Тутунарите не ја делат оцената со Стопанската комора на Македонија дека откупната цена на тутунот годинава ќе биде пониска, но се согласни оти неповолните временски услови се одразија врз квантитетот, поради што е неизвесно дали ќе се испорачаат договорените 27 милиони килограми, колку што бараат откупувачите.
– Не верувам дека ќе има пониска откупна цена, зашто сега се берат долните берби. Лани и тие не беа со добар квалитет. Очекуваме во наредниот период временските услови да бидат поволни и да добиеме квалитет како лани. Од друга страна, точно е дека количествата се намалени. Фирмите бараат околу 27 милиони килограми тутун, количества за кои склучивме и договори, но по невремето, прашање е дали ќе има максимум 20 милиони килограми – вели претседателот на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија, Кире Неделковски.

Тој информира дека при склучување на договорите, производителите повеќепати имале средби со откупувачите, на кои ги искажале барањата за покачување на цената по класи за 20 отсто, како и за намалување на разликата во класите при процената на квалитетот.
– Моментно разликата меѓу втора и трета класа е многу голема. Бараме цената за прва класа да се зголеми за 10 отсто, а за трета за 30 отсто, зашто поголем дел од тутунот оди во втора класа – објаснува Неделковски.
Тој смета дека интересот за тутунопроизводство во Македонија се враќа, особено по зголемувањето на субвенциите, кои за прва класа изнесуваат 80 денари, за втора 70, а за трета, четврта и за подолните класи се 60 денари.

За реколтата 2018-та се склучени 34.105 договори, издадени се 23.432 евидентни листа, а се пријавени 14.669 хектари и производство од 28 милиони килограми.
Лани, пак, се склучија 29.354 договори, беа издадени 23.373 евидентни листа, беа засадени 14.415 хектари тутун, се пријавија 26.630 килограми тутун, но се откупија 23.500 килограми по просечна цена од 217,70 денари за килограм.
Стопанската комора на Македонија вчера излезе со оцена дека поради неповолните временски услови, кои ги намалија количествата и квалитетот на тутунот, се очекува пониска откупна цена и процена во пониски класи. Е.Р.