НБРМ објави едукативна игра за финансиско едуцирање на младите

89

Народната банка на Република Македонија ја известува јавноста дека ја објави првата едукативна игра за финансиско едуцирање на младата популација во земјава со наслов „Заработете и штедете“, којашто од денес е достапна за слободно преземање од интернет-страницата на централната банка, како виндоус и андроид-апликација.

Играта „Заработете и штедете“ е замислена, преку забава, да предизвика поголем интерес кај младата популација за штедењето и финансиите и со тоа да го збогати нивното знаење од оваа област. Таа е избрана на конкурсот за изработка на едукативна игра којшто НБРМ го распиша во февруари годинава. Нејзин автор е Маријан Зиновски, студент на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.  

НБРМ верува дека играта ќе ја оствари целта за којашто е создадена – да придонесе кон повисоко ниво на финансиска писменост кај децата и младите. Централната банка и натаму ќе се обидува преку креативни и иновативни пристапи и решенија да вложува во финансиската едукација во Република Македонија.