На охриѓани водата им дојде до грло

149

Граѓаните и угостителите од Охрид реагираат на продолжениот висок водостој на Охридско Езеро и тврдат дека несовесното стопанисување со водите од езерото им предизвикува штети, како на објектите лоцирани на првата линијата од крајбрежјето така и со видоизменување на брегот и на плажите.
– Целта ни е да ги информираме надлежните и да алармираме за проблемите со кои во континуитет се соочуваме поради високиот водостој на Охридско Езеро. Сметаме дека тоа е последица на несоодветниот начин на стопанисување со водите од езерото. Бараме анализи и мерки за враќање на водостојот на езерото на нормалните пропишани коти – изјави Михаил Мишев, жител на стариот град во Охрид и сопственик на угостителски објект на самото крајбрежје.

Димитар Зарчев, сопственик на куќа на самиот езерски брег појасни дека и при целосно отсуство на ветер, водата се прелива преку терасите на нивните објекти, правејќи ги неупотребливи.
– Два месеца поминаа од силното невреме, а ние сѐ уште имаме проблеми со водата. Постои Закон за водостојот на Охридско Езеро од 1964 година, кога по големите поплави, беа утврдени и коти што би требало да се почитуваат, заради спречување несакани последици – истакна Зарчев.
Тој смета дека законските одредби ги пропишуваат надлежностите околу водостојот на езерото со кое стопанисува ЕЛЕМ, така што доколку котата биде надмината станува збор за нивна директна одговорност.
– При градењето на објектите на улицата Коста Абраш ние се раководевме според утврдената кота 693,5 метри надморска височина, точно во согласност со урбанистичката регулатива. Куќите се градени со одобрение на градба, прописите беа почитувани, и ние сега не можеме да ги коригираме објектите – објаснува Зарчев.
Како дополнителен проблем тој ги посочи осцилациите на водата, што се манифестираат на различни негативни начини, поткопување на темелите и нарушување на статиката на објектите.

Охриѓани нагласуваат дека се свесни оти сето ова што го кажуваат им е познато на одговорните и порачуваат дека нема да дозволат несовесното, односно профитерско размислување на стопанските субјекти да им предизвикува штети.
Како што велат, ова е нивен првичен јавен апел до надлежните институции, а не исклучуваат и соодветни правни дејства што им стојат на располагање преку кои би ги докажувале нивните тврдења за предизвикани материјални штети.
Од АД ЕЛЕМ истакнуваат дека се свесни за состојбата со Охридско Езеро и дека ги преземаат сите мерки за да се намали нивото на водата. Хидроцентралите на АД ЕЛЕМ во моментов, но и веќе подолг период работат со максимален капацитет.
– Процените на ЕЛЕМ се дека во рок од еден месец нивото на езерото ќе се спушти под 693,75 метри надморска височина, што е дозволена кота за година со високи води, како што беше оваа – велат од компанијата.Од АД ЕЛЕМ додаваат дека во моментов водотеците веќе се смируваат и се намалуваат и се создаваат услови за позабележливо намалување на котата . Е.Р.