На градежништвото да му се овозможи што побрзо да се врати во форма

46
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Продолжувањето на инвестициите во линиската инфраструктура (патишта и железници, но и во енергетиката), во пакет со наоѓање решенија за побрз интензитет, но и квалитет во планирањето и проектирањето нови капитални проекти, е клуч за динамизирање на градежниот сектор со силен импакт на бруто-домашниот производ

Дали поминува ПЕРИОДОТ НА СТАГНАЦИЈА НА ЕДЕН ОД ГЛАВНИТЕ ДВИГАТЕЛИ НА ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

По неколкумесечното одложување на планираните активности, последните показатели укажуваат на подинамичен раст на градежните зафати, но и раст на одобренијата за градба. Според податоците на Државниот завод за статистика, во текот на јули оваа година биле издадени 284 одобренија за градење, што е на исто ниво во споредба со јули 2019 година. Притоа, за разлика од претходниот период, кога градежништвото, како еден од главните двигатели на економскиот раст, во најголем дел се сведуваше на нискоградбите, сега од Државниот завод за статистика посочуваат дека од вкупниот број издадени одобренија за градење, 166 или 58,5 проценти се одобренија за изградба на објекти од сегментот високоградба, додека, пак, 33 одобренија или 11,6 отсто од одобренијата се за објекти од нискоградба и 85 или 29,9 проценти за реконструкции.

Овој извештај, според упатените, покажува дека градежниот сектор има капацитет да се врати на своите „текови“, особено по одреден период на стагнација наметнат поради преземените мерки за сузбивање на пандемијата што ги зафати земјава и светот. Ветерот „во едра“ за градежниците се очекува и од страна на државата со динамично почнување реализација на капиталните инвестиции.
– Според податоците на Државниот завод за статистика, во јуни 2020 година се издадени 273 одобренија за градење, што е за 35,1 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Растот се должи на фактот дека во наведениот период се издадени одобренија за градење објекти од нискоградбата со поголеми вредности, како магистралниот транспортен гасовод во пелагонискиот регион, делницата 5 од магистралниот гасовод во полошкиот регион, биогасната и ветерна електроцентрала во вардарскиот регион, далноводот од Битола до македонско-албанската граница во југозападниот и во пелагонискиот регион. Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 52 отсто се наменети за објекти од високоградба, 54 за објекти од нискоградба и 28,2 отсто за објекти за реконструкција – пишува во извештајот на ДЗС.

Претставниците на градежната фела се согласни дека корона-кризата не удри директно врз нивниот сектор, но, сепак, посочуваат дека последиците од пандемијата се чувствуваат насекаде. Она што смирува се укажувањата дека овој сектор почнува да заживува и покрај понатамошното ширење на вирусот низ земјава.
– Иако градежниот сектор немаше директна забрана за вршење на дејноста, како што беше случај со услужниот и трговскиот сектор, мерките за рестрикција на движењето на населението имаа индиректно влијание врз градежната активност и динамиката на извршување на почнатите проекти. Последиците предизвикани од пандемијата на ковид-19 најмногу се почувствуваа кај производството на градежни материјали и вадењето руди и камен – објаснуваат претставниците на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија.
Од здружението истакнуваат дека корона-кризата создаде нов деловен амбиент и нови работни навики што се одразиле врз работењето на компаниите од сите економски сектори, вклучувајќи го и работењето на градежните компании.

– Почитувањето на мерките и препораките за спречување на ширењето и за превенција од вирусот влијаеше врз ангажираните кадровски капацитети на тековните објекти. Податоците покажуваат пад на бројот на вработени во градежништвото од 4,4 отсто во првиот квартал во 2020 година споредено со првиот квартал во 2019 година, додека во вториот квартал годинава состојбите бележат одредено подобрување и, споредено со вториот квартал од претходната година, падот на бројот на вработените изнесува 1,4 процент – објаснуваат од СКМ.
Од Здружението за градежништво посочуваат дека со оглед на најавата и почнувањето на повеќе градежни активности од страна на локалните самоуправи и од Министерството за транспорт и врски за изградба и реконструкција на општински патишта и улици, очекуваат зголемен ангажман на градежната оператива и механизација во периодот што следува. Продолжувањето на инвестициите во линиската инфраструктура (патишта и железници, но и во енергетиката), во пакет со наоѓање решенија за побрз интензитет, но и квалитет во планирањето и проектирањето нови капитални проекти, е клуч за динамизирање на градежниот сектор со силен импакт на бруто-домашниот производ.

– Во насока на остварување поголем развој на градежништвото и зголемување на неговото учество во БДП, паралелно со подобрувањето на локалната инфраструктура, потребно е да продолжат и инвестициите во големи капитални проекти во патната и железничката инфраструктура, како и во делот на енергетската инфраструктура (изградба на автопатишта, регионални и експресни патишта, брани, мостови и сл.). За таа цел е потребно брзо решавање на состојбите со кои се соочуваат ресорните институции надлежни за реализација на веќе почнатите капитални проекти, како и наоѓање решенија за побрз интензитет во планирањето и проектирањето нови капитални проекти, за побрзо почнување со нивна реализација и придвижување на економијата.

Покрај јавните инвестиции, значајни се и приватните инвестиции и вложувања во изградба на станбени и деловни објекти, фабрики, болници и други објекти, чиј интензитет очекуваме да се зголеми по завршувањето на кризата. Според нашата процена, тоа ќе се случува кон средината на идната година – појаснуваат од здружението.
Поради ваквите очекувања, од СКМ сметаат дека само со зголемениот обем и на јавните и на приватните вложувања може да се одржи нивото и да се поттикне растот на градежништвото, а со тоа и ангажманот на другите стопански гранки со кои градежништвото е директно поврзано.