Најмногу фалсификуван алкохол на европските пазари има од Македонија

190

Царинските служби во Европската Унија спречиле влез на фалсификувани и опасни производи на европскиот пазар во вредност од 740 милиони евра во текот на 2018 година, соопшти вчера Европската комисија. Во соопштението, меѓу другото, е наведено дека од вкупните количества фалсификувани производи, најголем дел од фалсификуваните алкохолни пијалаци доаѓа од Северна Македонија.

Турција, пак, е главен извор на лажни козметички производи и парфеми како и на друг вид пијалаци. Од Босна и Херцеговина најмногу пристигнувале лажни пакувања, од Индија фалсификувани информатички опреми, а од Камбоџа фалсификувани цигари.

Кинеските производи што пристигнуваат на европскиот пазар и натаму најмногу ги прекршуваат европските правила на интелектуална сопственост, прецизира Европската комисија. Зголемен е бројот на фалсификувани мобилни телефони, тонери, и други производи од Хонгконг. Најчесто задржувани предмети на европските граници биле производите за домашна нега како лекови, играчки и електрични направи во износ од 37 отсто, потоа цигарите со 15 отсто.
Како што информираат од ЕК, бројката на задржани производи на царина се зголемила во 2018 г. во споредба со 2017 г. Имено, ако во 2017 година биле сопрени 57.433 производи, минатата година бројката на задржани производи на царина достигнала 69.354.

Вкупно околу 27 милиони предмети го прекршувале правото на интелектуална сопственост.

– Царинските службеници низ ЕУ успешно следеа и задржаа фалсификувани производи, кои се често опасни за потрошувачите, нивната работа е дотолку потешка што расте бројот на мали пакувања што влегуваат во ЕУ преку онлајн-продажба – изјави Пјер Московиси, еврокомесар задолжен за економија, финансии и царина.