Наместо карго-аеродром во Штип, ќе се градат училишта, водовод и канализации

49

Министерството за економија лани направило измени на Законот за јавно приватно партнерство со кој се отвора можноста средствата предвидени во договорот за концесија со ТАВ Македонија, наменети за изградба на карго-аеродром во Штип да се пренаменат за проекти од јавен интерес на државата. За ова информираше министерот за економија, Крешник Бектеши, кој денеска оствари работен состанок со менаџментот на ТАВ Македонија.

Министерот рече дека до во наредниот период Владата и концесионерот ќе склучат анекс на договорот за концесија со што од следната година ќе започне реализацијата на проектите.

– Анализите покажуваат дека изградбата на карго-аеродромот во Штип не е економски оправдана и сакаме тие средства да ги пренамениме за проекти од јавен интерес за подобрување на животот на сите граѓани, како што се училишта, градинки, водоводи, канализации и реконструкција на општински згради со цел да се олесни пристапот до услуги за граѓаните. Се работи за сума од 49,7 милиони евра – кажа Бектеши.

Министерот информираше дека општините веќе минатата година доставиле свои проекти кои се приоритетни за реализација.

– Владата има список на проекти кои се приоритетни за реализација, а се доставени од општините. Кога ќе се потпише анекс-договорот ќе бидат објавени и проектите коишто ќе се реализираат и динамиката за новна реализација – рече министерот Бектеши.

Тој кажа дека и во наредниот период ќе продолжи успешната соработа помеѓу Министерството за економија и ТАВ Македонија со цел подобрување на услугите за граѓаните.