Намалувањето на февруарската плата е сезонски, а не економски ефект

1498

Иако е забележан значителен пад на месечно ниво, сепак се одржува веќе почнатиот тренд на годишен раст од претходно, за 3,6 отсто. Претходно, во јануари оваа година, годишниот раст изнесувал 5,6 отсто, поради што нето-платата првпат се искачила над 24.000 денари

Просечните примања на македонските работници бележат пад за околу 900 денари за месец февруари во однос на јануари. Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во февруари 2018 година, изнесува 23.158 денари, што е за 3,6 отсто помалку во однос на јануари оваа година, која изнесувала 24.025 денари. Експертите велат дека намалувањето на февруарската плата не е од економски причини и дека тоа не треба да загрижува, но и дека просечната плата нема да ги достигне очекувањата од 500 евра.

Според институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, иако е забележан значителен пад на месечно ниво, сепак се одржува веќе почнатиот тренд на годишен раст од претходно, за 3,6 отсто. Оттаму велат дека претходно, во јануари оваа година, годишниот раст изнесувал 5,6 отсто, поради што нето-платата првпат се искачила над 24.000 денари.

– Значителниот пораст во јануари и значителниот пад во февруари 2018 година не се за изненадување. Уште при објавувањето на јануарскиот податок за нето-платата, ние укажавме дека се работи главно за сезонски ефект, кој се јавува вообичаено поради исплаќањето годишни додатоци на плата, а не се должи на порастот на минималната плата. Доколку се набљудува долгорочниот тренд на платите, тогаш тој е недвосмислено растечки, што делумно се должи и на порастот на минималната плата од октомври 2017 година. Но конкретниот пораст на платата во јануари 2018 година е во голема мера чист сезонски ефект. Значителниот пад на платата во февруари е, во голема мера, сезонски ефект, и не се должи на потенцијално лоши економски фундаменти – сметаат од „Фајненс тинк“.

Оттаму велат дека притоа, за обележување е дека годишниот номинален раст на платата во периодот јануари – септември 2017 година изнесувал просечно 2,5 отсто, додека во периодот октомври 2017 – февруари 2018 година 3,7 отсто.
– Разликата во овие две просечни стапки на пораст може да се припише на порастот на минималната плата. Но, особено е важно, засегнатите страни да не очекуваат дека порастот на минималната плата може драстично да се одрази врз пораст на просечната плата, односно наглиот пораст на просечната нето-плата во јануари 2018 во никој случај не можеше да се толкува како последица на порастот на минималната плата – напоменуваат од „Фајненс тинк“

Според ваквите движења, од институтот очекуваат дека просечната нето-плата за 2018 година, би се движела околу 24.000 денари.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека и наглиот пораст на јануарската и наглиот пад на февруарската плата се чисти сезонски ефекти, ако споредуваме месец за месец.

– Ако се погледнат податоците наназад, ќе се види дека во јануари секогаш се јавува тој сезонски скок. Слично, во февруари имаме спротивно сезонско движење, поради пократкиот месец. Значи, недозволиво е сезонски флуктуации што се добро документирани и во претходни периоди да се сензационализираат за популистички цели – истакна Петрески.

Според него, илузорно е да се очекува дека порастот на минималната плата може нагло да ја зголеми просечната плата.
– Целокупниот пораст на платите, значи реалниот, а не номиналниот, очекувам да биде позитивен и во следниот период, бидејќи економијата има солидни фундаменти и солидни изгледи. Меѓутоа, нема да има нагли долгорочни скокови, што секако не го прави остварувањето просечна плата од 500 евра неостварливо, но тоа ќе се случи само во еден релативно долг временски период – смета Петрески.

И од Владата на Република Македонија велат дека падот на февруарската просечна плата од 3,6 отсто во однос на јануари годинава е резултат на сезонски флуктуации, кои се вообичаени за мала економија како македонската. Од Владата додаваат дека не може да се изведуваат издржани заклучоци од анализа на еден месец во друг, притоа истакнувајќи дека статистиката покажува дека февруарската плата годинава е повисока во однос на ланскиот февруари.