Намален интересот за осигурување поради пандемијата

441

Како последица на сите промени што ги донесе корона-кризата е регистриран пад во продажбата на патничкото осигурување, во сегментот автоодговорност, особено на зелената карта и граничното осигурување

Ширењето на пандемијата и мерките за нејзино сузбивање негативно се одразија како врз поголем дел од економските дејности така и врз осигурителната индустрија. Според посочувањата на надлежните институции, како и на инволвираните во оваа бранша, најголем удар досега претрпеле осигурителните класи од типот осигурување од автомобилска одговорност, зелениот картон и здравственото патничко осигурување.
– Корона-кризата несомнено се одрази и на работата на осигурителната индустрија. Од тие причини Агенцијата за супервизија на осигурувањето воведе пофреквентни известувања од страна на друштвата за осигурување, а како резултат на скенираните состојби воведе низа мерки за да го олесни работењето на друштвата за осигурување. Друштвата за осигурување забележуваат пад во остварените приходи во првата половина на 2020 година од 1,9 отсто, во споредба со истиот период од мината година, со истовремен намален износ на исплатени штети од 6,6 проценти за истиот споредбен период. Друштвата за осигурување се соочуваат со намалена динамика на наплатата на побарувањата, што условува поголемо мобилизирање на сопствените средства – велат претставниците на Агенцијата за супервизија на осигурувањето и истакнуваат дека друштвата се добро капитализирани и солвентни и можат да одговорат на променетите услови на работа.

Од АСО посочуваат дека како последица на сите промени што ги донесе корона-кризата, најголем пад во продажбата и остварените приходи или бруто-полисираната премија (БПП) се забележува кај патничкото осигурување од дури 59,2 проценти намалување, додека, пак, кај бруто-исплатени/ликвидирани штети (БИШ) е регистриран пад од 3,5 отсто.
Од агенцијата информираат дека, исто така, пад се забележува и во сегментот автоодговорност, каде што бруто-полисираната премија се намалила за 10,8 проценти, додека исплатените штети 15,4 отсто, со нагласок дека таа е особено изразена кај продажбата на зелената карта (БПП: -36,4 отсто, БИШ: -11,1 отсто) и граничното осигурување (БПП: -51,4 отсто, БИШ: -44,8 отсто).

Расте осигурувањето имот

Додаваат дека од друга страна, во овој период се забележува пораст на осигурувањето имот, каде што БПП се зголемило за 19,9 отсто, додека БИШ 20,8 проценти. Поволни тенденции се регистрирани и кај здравственото осигурување каде што премиите пораснале за 21,9 отсто, додека, пак, исплатените штети за 57 проценти.
– Со оглед дека справувањето со коронавирусот е организирано преку центрите за јавно здравство, не постои поголема побарувачка за доброволно приватно здравствено осигурување (ДПЗО) поврзано директно како последица од справувањето со здравствените последици од ковид-19. Но грижата за здравјето и соочувањето со преоптовареноста на јавното здравство во овие моменти, придонесуваат граѓаните да се насочуваат кон тоа дека ДПЗО нуди одлични можности за лекување во приватното здравство. Развојот на осигурителните производи е во доменот на друштвата за осигурување и веруваме дека оваа криза ќе придонесе да се развиваат поконкурентни и поквалитетни осигурителни производи во сите класи на осигурување. Тоа во што сме сигурни е дека друштвата за осигурување сè повеќе ќе го развиваат начинот на организирање на продажбата, односно традиционалните форми на директна продажба да бидат заменети со иновативни телекомуникациски модели на директна продажба – појаснуваат од Асоцијацијата.

Претставниците на осигурителните компании откриваат дека поради фактот оти епидемијата на коронавирусот имаше влијание врз целокупниот деловен и социјален живот во земјата и тие се соочиле со ситуација со многу непознати.
– Моравме да најдеме начин на функционирање, кој ќе обезбеди континуитет во работата и наедно ќе го заштити здравјето на вработените и на клиентите. Од самиот почеток на вонредната состојба ги презедовме сите мерки, на клиентите да им обезбедиме непречена комуникација со компанијата и услуги од далечина во сите домени на работењето, склучување и продолжување осигурување, пријава на штети, плаќање сметки, консултации итн. И покрај фактот што компанијата работи во вонредни услови, клиентите имаат непречен пристап до сите услуги. Во изминатиот период можевме да забележиме одредено намалување во интересот за некои видови осигурување, како на пример каско-осигурувањето на автомобили, како и намалување на обемот на осигурување во доменот на автомобилска одговорност и зелена карта, но тоа секако може да се поврзе и со намалениот обем на продажбата на нови автомобили во тој период, како резултат на епидемијата. Можеме да забележиме и намалување на интересот и на обемот на осигурување во доменот на здравственото-патничко осигурување, што е сосема разбирливо со оглед на околностите. Од друга страна, забележуваме континуитет во интересот за доброволното приватно здравствено осигурување, осигурувањето од незгода, осигурувањето од пожар и други осигурувања – велат претставниците на компанијата „Триглав осигурување“.

И ковид-19 опфатен во полисите

Од „Триглав“ додаваат дека со мерките и измените во правилниците донесени од АСО се придонесува кон одржување на капиталот и солвентноста на компаниите, за да се заштитат правата на осигурениците.
– Секако дека очекуваме оти ситуацијата ќе се стабилизира, но економскиот импакт од епидемијата е очекуван и неминовен врз сите дејности, па и врз осигурителниот пазар. Ситуации како оваа, предизвикана од коронавирусот, секако нѐ мотивираат да размислиме за најважните аспекти во нашите животи, сигурноста на семејството и домот. Не можеме ни да замислиме какви сѐ ризици нѐ демнат и што сѐ може да се случи, а оваа пандемија нѐ научи токму на тоа. Осигурувањето е дел од одговорот како да се справуваме што подобро со вакви ситуации и како да ги надминуваме ризиците. Нудиме неколку осигурителни производи, кои покриваат последици од коронавирусот. Полисите за осигурување на животот и колективното осигурување од незгода обезбедуваат целосна осигурена сума во случај на смрт од ковид-19, а полисата за здравствено-патничко осигурување ги покрива неопходните трошоци за лекување од ковид-19 – посочуваат од осигурителната компанија.

Меѓу другото, истакнуваат дека во нивната понуда имаат услуги во доменот на здравствената заштита и додаваат дека постојано работат на подобрување на продуктите што ги нудат, како и нивно надградување во согласност со потребите на пазарот.
– Доброволното приватно здравствено осигурување е од стратегиско значење за нас и во овој домен од година на година работиме сѐ подобро. Ова е сегмент, кој нуди огромни можности и има голем потенцијал, особено затоа што интересот за ова осигурување континуирано расте и во резидентниот и во корпоративниот сегмент. Епидемијата секако ја акцентира потребата од квалитетно здравствено осигурување, но сметаме дека континуираниот пораст во интересот, пред сѐ, се должи на квалитетот на услугите што ги даваме, како и на позитивното искуство на клиентите – посочуваат од компанијата.