Намален интересот за купување станови и деловен простор

674
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Статистичките анализи покажуваат дека во февруари се издадени 153 одобренија за градење, што е за 13,6 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година

Намалената побарувачка на станбен и деловен простор, конкуренцијата во градежниот сектор, зголемените трошоци и недостигот од стручен кадар се меѓу главните ограничувачки причини за раст на градежните активности. Ова го покажале резултатите од оцената на раководителите на деловните субјекти од областа на градежништвото за деловните движења. Иако генерално раководителите сметаат дека има позитивни придвижувања и оцениле дека ќе има благ раст на договорите за градежни работи и на бројот на вработени, сепак напоменале дека тие ќе бидат сосема мали.

– Оцената за економската состојба во првото тримесечје од 2019 година е поповолна во однос на претходното тримесечје, а е поповолна и во однос на првото тримесечје од 2018 година. Најголемо влијание врз ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат следните фактори: немањето побарувачка учествува со 19,9 отсто, конкуренцијата во сопствениот сектор со 13,8, зголемените трошоци за материјали со 13,2 проценти и недостигот од обучен кадар со 13,1 отсто – е наведено во соопштението на Државниот завод за статистика.

Упатените посочуваат дека во последниов период интересот за купување станови од купувачи, кои доаѓаат од внатрешноста на државата е значително опаднат, поради што се има впечаток дека се намалил вкупниот интерес. Истакнуваат дека станбен простор и понатаму се бара и дека тоа сега претежно го прават млади брачни двојки, кои купуваат станови преку кредити, за кои, пак, има потешка процедура и бара повеќе време пред реализација.

– Во последниве години во Скопје голем дел од становите ги купуваа жители од другите делови на земјата, од цела Македонија, кои најчесто плаќаа со готови пари, но сега повеќето од нив ги задоволија своите потреби и нема толку купувачи што плаќаат одеднаш. Сега повеќе се купувачки што плаќаат со кредити, а банките, мора да признаеме, се ригорозни за кредити – појаснува Никола Велковски, градежен експерт. Меѓу другото, Велковски истакна дека недвижнините важат за сигурна инвестиција поради што голем број граѓани, кои имаат вишок средства, одлучуваат истите тие да ги вложат во станбен и деловен простор, што исто така придонело да има голем интерес за купување вакви објекти, но и за нивна изградба.

Претседателот на Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори, Ивица Јакимовски, вели дека купувачите на станбен простор повеќе се интересираат за квалитетот.

– Сѐ повеќе купувачите се интересираат за квалитетот на градбата и тоа е позитивен тренд што треба градежните компании заеднички да го развивaaт за граѓаните да знаат да препознаат квалитетна градба. Заштедата на финансиите е цел на секое семејство, а во тој контекст инвестицијата во енергетски ефикасните домови е потреба и значи заштеда за во иднина – истакна Јаќимовски.

Дека граѓаните се интересираат за квалитетот, но и дека препораката е доста важна смета и Велковски, кој посочува дека луѓето многу често купуваат од препознатлива компанија, бренд или по препорака од познаник.

– Како и кај другите производи и становите се продаваат ако некој има изградено препознатлив имиџ кај граѓаните или, пак, по препорака од познаник. Недостаток е што нема анализа што ќе покаже колку станови и во кој реон се најпотребни. Поради ова градежниците сами одлучуваат каде ќе градат, повеќето се водат од локацијата и очекувањата за потенцијални купувачи, односно пикираат локација што сметаат дека ќе се продава. Нема институција што би направила анализа каде се потребни станови и таму да се гради, туку врз основа на своите интуиции градежниците сами одлучуваат – појаснува Велковски.

Меѓу другото, тој истакнува дека во последниов период драстично е намалена побарувачката на деловни објекти, поради што и многу малку се градат.

– Освен доброорганизираните трговски центри, деловните објекти во рамките на станбен комплекс или малку понастрана од некое збирно место многу тешко се продаваат и изнајмуваат, затоа многу малку се градат – истакна Велковски.

Анализите на ДЗС покажуваат дека во февруари се издадени 153 одобренија за градење, што е за 13,6 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година. Од нив, 52,9 отсто се наменети за објекти од високоградба, 17 за објекти од нискоградба и 30,1 проценти за реконструкција.

petranka.o@novamakedonija.com.mk