Над 200 милиони евра поврат на ДДВ

65

Над 14,5 милијарди денари или 236,4 милиони евра се инјектирани во стопанството во првата половина од годинава, преку редовен и неселективен поврат на ДДВ кон фирмите. Во согласност со податоците на Министерството за финансии, повратот на ДДВ кон фирмите заклучно со јули е поголем за околу 14,5 отсто во однос на истиот период минатата година.

Според, заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, со редовниот и неселективен поврат на ДДВ се подобрува ликвидноста на фирмите. Таа напомена, дека овој пристап е значаен за непречено оперативно работење на фирмите, но и за нивната инвестициска активност.

– Во споредба со претходната година, извршен е поврат на ДДВ кон фирмите за 30 милиони евра повеќе во однос на лани. Тоа е уште еден аргумент дека имаме зголемена наплата на даночните приходи, дека ликвидноста е во најдобар ред и со тоа навремено се сервисираат сите обврски – истакнува Елези.

Позитивните тенденции во стопанството се огледаат и преку добрата наплата на даночните приходи, вклучувајќи го и ДДВ, кој на бруто-основа е повисок за 5,6 проценти во однос на лани.