Над дозволените концентрации на железо и никел во почвата во Кавадаречко

379

Резултати од испитување на загаденоста на почвата во Кавадарци вчера беа презентирани на едукативна работилница наменета за фармери која се одржа во Кавадарци како дел од активноста „Да ја заштитиме почвата од загадување“ спроведувана од Еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес во партнерство со „Еко-живот“ од Кавадарци, а со подршка од проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Резултатите од анализите на пробите земени во октомври минатата година покажаа зголемено присуство на железо околу 1,5 пати повеќе од дозволеното во почвата во регионот на селото Возарци, како и присуство на никел над дозволените граници, додека анализите на примероците земени од градот Кавадарци покажале дека нема загадување и дека концентрациите на железо и никел се во рамките на дозволените граници.

Што се однесува до земјоделските производи најголемо загадување е забележано кај грозјето каде присуството на железо е 15 пати повисок од дозволеното додека концентрациите на никел се пониски од дозволените параметри. Исто така и кај зелката е регистрирано 20 пати поголема концентрација на железо и само малку повисоко присуство на никел од дозволените параметри. Над дозволените граници има железо и во пиперките додека кај пченицата не е најдено присуство на железо и никел.

-Сакаме последиците од загадувањето на тешката индустрија со тешки метали да ги отстраниме и да ја прочистиме почвата. Процесот на деконтаминација на почвата го започнавме пред десетина години. Сега сакаме да ги вклучиме и другите општини кои претставуваат еколошки жешки точки, бидејќи секоја општина има свој загадувач и проблем. Во Велес проблемот е со кадмиумот и оловото, кои на некои места се присутни над 24 пати над максимално дозволеното. Скопје и Тетово се градови каде анализите покажаа над дозволеното присуство на арсен во почвата. Во околината на Кавадарци во регионот на тешката индустрија пробите од почвата покажуваат дека има загадување на железо и никел. На некои од испитаните растенија покажа зголемено количество на железо и никел, а на некои не што значи дека некои растенија се апсорбери, а некои не на тешки метали. Еден и пол пат над дозволеното е загадувањето на со железо, со никел е во границите на дозволеното во согласност со атласот на прфесорот Трајче Стафилов- изјави Кире Кочов координатор на проектот и претставник од ЕД „Вила Зора“.

Професорот по стручни предмети во СОЗШУ „Ѓорче Петров“, Глигор Бојков во оваа насока го потенцираше фактот дека почвите во општина Кавадарци се во најголем дел алкални со висока ПХ вредност што прави двовалентното железо да премине во тривалентно кое се врзува во цврстиот дел и останува трајно врзано во почвата. Во насока на деконтаминација на почвата тој препорачува хиперапсорбирачки култури како сончоглед, луцерка, бела детелина и дива плевелна вегетација со соодветни физиолошки карактеристики кои би го извлекле железото од почвата.

Соња Илова професорка по биологија во СОЗШУ „Ѓорќе петров“ се осврна за влијанието на тешките метали врз организмот на човекот откривајќи дека повеќе од 10 години нема направено испитување на овој план, а педолошката лабораторија во Кавадарци е затворена уште во 1993 година каде никогаш не се испитувало присуството на тешки метали, туку само составот на почвата. Таа подетално се наврати на дегенеративните промени во организмот на човекот кои ги предизвикуваат тешките метали во случајот кадмиумот, оловото, железото и никелот и болестите кои ги предизвикуваат.

Општина Велес во овој дел е понапред од другите општини и ги има првите резултати од опитите за садење на култури со брзоапсорбирачки особини на кадмиум и олово, а тоа е маслодајната репка. Наредните две години вакво истражување на земјоделска површина во атарот на селото Возарци ќе се реализира и во општина Кавадарци.

Во делот на слабости кои се регистрирани во проектот за деконтаминација на почвите од загадување со тешки метали од „Вила Зора“ ги посочуваат: немањето подршка од институциите, малиот број на заинтересирани земјоделци за деконтаминација на нивните земјоделски површини (Во траење од најмалку 3 години), немањето стратегија за деконтаминација на почвите и институција која ќе ги регулира работите околу контаминацијата. Нивна препорака е градење на заедничка стратегија на невладините еколошки здруженија зедно со надлежните министерства кои понатаму ќе ги продолжат активностите.

Според анкетата направена на локалното население од страна на „Еко-живот“ дури 72 отсто од испитаниците сметаат дека има загадување од тешки метали и сметаат дека треба да се изврши деконтаминација на почвите. 64% од испитаниците сметаат дека земјоделските производи се загадени, а 71% сепак повеќе се определуваат за земјоделските производи од домашни производители.

Претставниците од еколошките друштва кои беа присутни на работилницата како „Еко-герила“ од Тетово, „Балкански мостови“ од Скопје ,„Ко живот“ и „Вила Зора“ сметаат дека треба се погласно да се зборува за загадувањето со тешки метали, да се информираат граѓаните за резултатите од анализите и да се врши се поголем притисок на надлежните институции.

Мирјана Мукаетова