Наглото вадење пари од банките ќе ја ослабне економијата

969
Фото: Дарко Андоновски

Евентуалното воведување негативни каматни стапки на депозитите на граѓаните би значело засилено повлекување на нивните денарски депозити и нивно претворање во девизи што, пак, би водело кон девалвација на денарот и нарушување на макроекономската стабилност на земјата и на нејзината ликвидност спрема странство, смета универзитетскиот професор Томе Неновски

Пренесување на негативните каматни стапки во Македонија, според претставниците на Народната банка, не може да очекуваме поради различните економски услови во земјава, а такво нешто би можело да предизвика вадење на депозитите од банките.
– Како ќе се менува нашата монетарна политика во следниот период зависи од оцените и согледувањата за севкупните економски и финансиски услови во земјата, при што се очекува задржување на каматните стапки во позитивна зона – велат од Народната банка.
Универзитетскиот професор Томе Неновски не очекува воведување негативни каматни стапки во земјава, бидејќи со тоа би се предизвикале граѓаните да ги повлечат парите од банките и да ги претвораат во девизи.

– Не очекувам да се случи воведување негативни каматни стапки од страна на македонските банки. Евентуалното воведување негативни каматни стапки на депозитите на граѓаните би значело засилено повлекување на нивните денарски депозити и нивно претворање во девизи што, пак, би водело кон девалвација на денарот и нарушување на макроекономската стабилност на земјата и на нејзината ликвидност спрема странство. Тие каматни стапки и така се на ниско ниво и не ја загрозуваат профитабилноста на банките, која секоја година бележи нагорни големини, кои, меѓу другото, се резултат на сѐ уште високите каматни маргини и на високите износи на провизии, кои банките ги наплаќаат од своите коминтенти – појаснува професорот.

Тој меѓу другото додава дека исто така не очекува ниту активните каматни стапки на кредитите да навлезат во негативна зона како што тоа, неодамна, се случи кај некои дански банки и покрај високата ликвидност на македонскиот банкарски систем.
– Својата висока ликвидност банките и натаму имаат можност да ја пласираат во државни записи, благајнички записи на НБРСМ, па и во кредити, кои особено во значителен обем се застапени кај секторот население – додава Неновски.
На крајот на август, вкупните девизни депозити во домашните банки изнесуваат 165 милијарди денари, што претставува 43 проценти од вкупната депозитна база. На крајот на 2010 година девизните депозити опфаќале 55 отсто од вкупните депозити, што значи дека подолг период денарските депозити растат со повисока стапка.
– Каматната стапка на девизните депозити во август изнесува 0,8 отсто, додека на денарските депозити е 1,9 процент. Распонот меѓу приносите на денарското и девизното штедење во последните две-три години се одржува на релативно стабилно ниво. Сѐ поголемата денаризација на депозитите, е показател за довербата во денарот и стабилните очекувања на економските субјекти. Придонес имаа и мерките што Народната банка ги презеде во овој период за поттикнување на штедењето во домашна валута. Позитивните трендови на денаризација на депозитите продолжуваат – истакнуваат од Народна банка.

Сепак, македонската јавност добро го памети турбулентниот период што го обележи крајот на 1990-тите години, но и им ја разниша довербата на граѓаните во банкарскиот систем. Иако стануваше збор за штедилница, сепак, со афера ТАТ беа измамени 13 илјади штедачи и беше разнишана довербата во банкарскиот систем. Поради ТАТ граѓаните ги повлекуваа заштедите и од другите банки во земјава. Неколку години подоцна се случи уште една афера во банкарскиот систем и тоа овој пат со Македонска банка. Принос во губење на довербата на граѓаните во банките имаа обвинувањата поврзани со Експорт импорт банка. Деновиве јавноста повторно ја брануваат нови можни обвиненија поврзани со банкарското работење, поточно со случајот „Поштенска банка“…
Ваквите ситуации, во кои беа проневерени заштедите на граѓаните, кои одвојувале од своите плати и штеделе за иднината, се главни причини поради кои тешко се враќаше довербата во банките. Долги години граѓаните ги чуваа парите под перници и со тешкотии се одлучуваа да ги вложат во штедни книшки и од нив да очекуваат камати.
Факт е дека во периодот по монетарното осамостојување, домашниот банкарски сектор помина низ сериозен процес на трансформација кон современ пазарно ориентиран систем.

– Изградбата на модерен банкарски сектор се одвиваше преку спроведување длабоки структурни реформи, кои вклучуваа прудентна правна и супервизорска рамка, санација и чистење на билансите на банките од лоши кредити, преземање на обврските на банките кон населението врз основа на замрзнатото девизно штедење од страна на државата и отворање на влезот за приватни инвеститори и странски банкарски институции во домашниот банкарски сектор. Периодот до 2000-тите години беше обележан со зголемување на бројот на банки, од вкупно пет на околу дваесетина банки, по што настапи фаза на консолидација и окрупнување на банкарскиот сектор – потсетуваат од Народната банка.
Пресвртна точка во развојот на домашниот банкарски сектор претставувал влезот на странскиот капитал, кој почна на почетокот на 2000-тите години. Странските матични банки, со своето реноме и традиција во дејноста, придонесоа за унапредување на работењето на домашните банки со пренос на добри практики и искуства, примена на современи технологии и градење организациска култура, јакнење на капацитетите за прудентно управување со ризиците и добро корпоративно управување, што придонесе за раст на конкуренцијата и пред сѐ враќање на довербата на штедачите во банкарскиот систем.

– Присуството на странските банки го олесни пристапот до надворешно финансирање, пред сѐ од банките-мајки, како дополнителен извор на финансирање на активностите на банките и ги зајакна капацитетите за поактивна кредитна поддршка на домаќинствата и корпоративниот сектор – велат од НБРСМ.
Оттаму истакнуваат дека денес македонската економија има здрав, стабилен и конкурентен банкарски сектор, кој е отпорен на ризици и испорачува здрав кредитен раст. Функционираат петнаесет банки, од кои единаесет се претежно во странска сопственост. Применуваат традиционален деловен модел во работењето – прибирање депозити од домашниот приватен сектор и нивно пласирање во кредити на домашните претпријатија и домаќинствата, со што во голема мера личат на европските депозитни банки.
– Стандардите за работењето на банките се високо усогласени со меѓународните стандарди, односно со супервизорските стандарди определени од страна на Базелскиот комитет за банкарска супервизија и европската регулатива. Народната банка постојано работи на јакнење на супервизорските капацитети и унапредување на супервизорските стандарди во чекор со меѓународните стандарди и практики, како и на следењето на системските ризици во целиот сектор, со што придонесува за одржување на здравоста и стабилноста на домашниот банкарскиот сектор – заклучуваат од НБРСМ.


Домашните банки заработија 3,6 милијарди денари во првите шест месеци

Домашниот банкарски сектор остварува позитивни резултати од работењето, што е показател за неговата здравост и одржливост на долг рок, објаснуваат од Народната банка.
– Профитабилноста на банкарскиот сектор согледана преку стапката на поврат на просечниот капитал и резерви (РОАЕ) во последните четири-пет години се движи помеѓу 10 и 16 проценти, што е во рамките на нивото што повеќето банки го оценуваат како соодветно за да обезбеди одржливо работење на долг рок. Банките остваруваат и соодветен поврат на просечната актива (РОАА) што за истиот период се движи помеѓу 1 и 1,7 отсто – појаснуваат од НБРСМ.
Трендот на позитивен финансиски резултат кај банките продолжи и во првото полугодие од 2019 година кога добивката достигна 3,6 милијарди денари, која е пониска споредено со истиот период од претходната година. Помалата добивка главно го одразува на исцрпувањето на ефектите од вонредните фактори, односно зголемената наплата на нефункционални побарувања, што предизвика висок раст на добивката во 2018 година.