МОТ: Младите масовно ги губат работните места

136
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Работните места на младите лица се на удар од пандемијата, посочува Меѓународната организација на трудот (МОТ). Едно од шест млади лица престанало да работи по започнувањето на пандемијата, додека работното време на оние што останале вработени било намалено за 23 проценти. Според МОТ, значителното и брзо зголемување на невработеноста кај младите луѓе повеќе ги погодува младите жени отколку мажите. Истакнуваат дека пандемијата им нанесува троен шок на младите, бидејќи ги влошува шансите за вработување, ги попречува и во образованието и обуката и предизвикува препреки на патот на оние што сакаат да влезат на пазарот на трудот или да го сменат работното место.

– Економската криза од ковид-19 им нанесе удар на младите луѓе, особено на жените, многу посилно и побрзо отколку на која било друга група. Ако нивниот талент и енергија се остават настрана поради недостигот од можности или вештини, тоа ќе ѝ наштети на нашата заедничка иднина и во голема мера ќе ја отежне повторната изградба на подобра економија во периодот по пандемијата – изјави Гај Рајдер, генерален директор на МОТ.
Од МОТ повикуваат на итни, обемни и насочени мерки за поддршка на младите, вклучувајќи програми на гаранции за вработување во развиените земји, како и програми што вклучуваат отворање работни места во земјите со ниски и со средни приходи.

Истакнуваат дека во земјите каде што се врши засилено тестирање и следење, просечниот пад на работните часови е намален дури до 50 проценти, што сметаат дека се должи на три причини, го намалува потпирањето врз строги мерки за изолација, ја подобрува довербата на јавноста и на тој начин ја поттикнува потрошувачката и ја поддржува вработеноста, и помага за сведување на најмала мера на нарушувањето на работењето на работните места.
Дополнително, од МОТ сметаат дека тестирањето и следењето сами по себе креираат нови работни места, иако привремено, што може да бидат насочени кон младите луѓе и другите приоритетни групи.

– Тестирањето и следењето може да претставуваат важен дел од пакетот политики доколку сакаме да се бориме против стравот, да го намалиме ризикот и набргу да ги вратиме во погон нашите економии и општества – дополни Рајдер.
МОТ исто така проценил дека 4,8 проценти од работните часови биле изгубени во текот на 2020 година, што е еднакво на приближно 135 милиони работни места со полно работно време. Нагласуваат дека се потребни непосредни и итни мерки за поддршка на работниците и претпријатијата во согласност со стратегијата на МОТ што се темели на четири столба, стимулирање на економијата и вработеноста, поддршка на претпријатијата, работните места и приходите, заштита на работниците на работното место, потпирање врз социјалниот дијалог за наоѓање решенија.