Може ли вирусот од Еуростандард банка да го нападне банкарскиот систем

953
Фото: Игор Бансколиев

Над две илјади компании остануваат без пристап до своите трансакциски сметки поради затворањето на Еуростандард банка, а околу 800 милиони денари изнесувале депозитите што ги имале правните лица оставени во оваа банка. Во согласност со податоците што ги испратија од Народната банка на Македонија, 6.110 милиони денари изнесува сумата што граѓаните ја чувале во оваа банка. Сепак, од НБ уверуваат дека во согласност со законите 99,4 отсто од граѓаните ќе бидат обештетени.
– Заклучно со 31.7.2020, Еуростандард банка има одобрено кредити на правни лица во вкупен износ од 4.220 милиони денари, додека 1.588 милиони денари се кредити одобрени на домаќинства. На 31.7.2020 година депозитите на правни лица изнесуваат 801 милион денари, додека 6.110 милиони денари е износот на депозити на домаќинства. Според податоци од 31.7.2020 година, над 136 илјади физички лица имаат средства/депозити во Еуростандард банка и 99,4 отсто од нив ќе бидат предмет на обесштетување. На 31.7.2020 година, салдо на сметките различно од нула во Еуростандард банка имале 2.087 правни лица – посочуваат од Народна Банка на Македонија.

Упатените во банкарските кругови посочуваат дека затворањето на банката нема да има значително влијание врз состојбите во банкарскиот сектор, но додаваат дека има засегнати граѓани, кои со сигурност се загрижени, иако сметат дека тие ќе си ги повратат парите.
– Оваа одлука може да има бранување во јавноста, но голем импакт врз економијата не се очекува. Компаниите што имаат заробени средства по отворањето на стечајната постапка би можеле да се надеваат на поврат на тие средства бидејќи банката е сопственик на управната зграда, која се наоѓа на многу добра локација во центарот на градот, но и на друг имот, кој преку продажба или наплата на кредитите ќе се користи за нивно обештетување – вели добро упатен извор, кој сакаше да остане анонимен.
Поранешниот гувернер на Народна банка, Петар Гошев, посочува дека затворањето на Еуростандард банка нема да создаде опасност за нарушување на банкарскиот систем во земјава, бидејќи станува збор за мала банка и нема капацитет за какви било сериозни импликации.

– Од самата банка и од затворањето не може да има штета врз банкарскиот систем, напротив, со отстранувањето на една слаба точка, каква што е, или каква што била оваа банка, банкарскиот систем на тој начин се чисти, се зацврстува. Народната банка морала да преземе таква мерка, поради состојбата во која ја довеле акционерите и менаџерите. Сама по себе банката не може да наштети, напротив, тоа позитивно ќе влијае врз банкарскиот систем. Но овие приказни што деновиве ги пуштат во јавноста одредени лица, а кои немаат ништо со вистината, создаваат клима што е штетна за јавноста, бидејќи поголем дел од луѓето не се професионалци и не ја разбираат оваа професија, а со оглед на искуството од претходно, логично е да им се подгреат стравовите. Економијата многу зависи од перцепцијата на луѓето, од тоа како ги доживуваат состојбите, а не какви се навистина.

На тој начин, одредени изјави, кои се бесмислени, од аспект на точност, вистинитост, професионалност, можат да направат штета. Сепак, сметам дека луѓето брзо ќе видат дека затворањето на банката не е во правец на рушење на банкарскиот систем, туку во насока на негово зацврстување. Во секој систем се случува да се затворат банки. Банките како економска дејност се порегулирани од другите субјекти, за помалку да се случуваат вакви работи, но не може да се исклучат – објаснува Гошев.
Од банкарски кругови дознаваме дека врз неславниот крај на банката голем удел имале и менаџерските недоразбирања, кои довеле до недокапитализирање на банката и до неизбежното затворање. Анонимни извори посочуваат дека и покрај продажбата на „Евролинк осигурување“, акционерите не успеале да вложат доволно финансии неопходни за понатамошното работење на банката.

На затворањето на банката реагираше и нејзиниот сопственик, Трифун Косовски, познат бизнисмен и поранешен градоначалник на главниот град, кој обвини за двојна игра од страна на Народна банка. Посочи дека и покрај тоа што банката била во финансиска криза, НБ цела година им наметнувала строги мерки поради кои не можеле да работат и да заработат. Костовски смета дека никако не можеле да ја извлечат банката од калта бидејќи не можеле да работат, за да имаат пари за да ја подобрат состојбата. Мерките на Народната банка, според него, дополнително го влошиле портфолиото.
– НБМ не прифаќаше ниту еден од нашите предлози за надминување на состојбата и за евентуална продажба на банката – кажа Костовски, додавајќи дека се работи за еднострана одлука на Народната банка, која ако сакала да ги затвори, требало да го стори тоа уште пред една година, наместо да направат дополнителни 15 милиони евра загуби.


НБРСМ: Стабилни и сигурни се сите други банки

И по укинувањето на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје, граѓаните треба да бидат спокојни – банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен. Стабилни и сигурни се сите други банки, како и штедилниците. Оваа го посочуваат од Комитетот за финансиска стабилност при Народната банка на Македонија.
– Финансиската стабилност постојано јакне и за тоа клучен е придонесот токму на стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем. Тој е еден од најцврстите носечки столбови на македонската економија, на кој секогаш можат и ќе можат да се потпрат граѓаните и компаниите, и економијата во целина. Укинувањето на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје е влог во натамошно одржување на стабилноста на банкарскиот систем и на финансиската стабилност во целина – се наведува во соопштението на НБРСМ.
Наедно е посочено дека „показателите за профитабилноста на банкарскиот систем се исклучително солидни. Со изземање на Еуростандард банка АД Скопје од системот, според податоците на Народната банка со состојба на 30 јуни 2020 година, кај финансискиот резултат на системот се забележува подобрување за речиси 21 отсто“.


Пензионерите и примателите на социјална помош да одберат нова банка

Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија ги информира корисниците на пензија членови на здруженијата дека во согласност со информација од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија до банките што вршат исплата на пензии се доставени потребните податоците за сите пензионери на кои досега им се исплатувала пензијата преку Еуростандард банка.
– Пензионерот со лична карта ќе избере банка во која ќе сака во иднина да му се исплатува пензијата, без да оди и бара потврда од фондот. Барањето до банката за отворање трансакциска сметка пензионерот е должен да го поднесе најдоцна до 21 август 2020 година, за редовна исплата на пензијата – наведуваат од сојузот во соопштението.

Министерството за труд и социјална политика ги извести корисниците на парични права од социјална и детска заштита и загрижувачките семејства, кои биле клиенти на Еуростандард банка и оние што ги подигнувале на шалтерите на АД Пошта на Северна Македонија, заради продолжување на навремена и редовна исплата е потребно, доколку имаат трансакциска сметка во друга банка, да се обратат во истата таа заради поврзување на трансакциската сметка со социјалниот број.

– Доколку корисникот нема друга трансакциска сметка, потребно е да отвори нова во некоја од банките во земјата (освен Охридска банка) заради поврзување со социјалниот број, за да продолжи исплатата на правото преку таа банка. Корисниците на парични права од социјална и детска заштита и згрижувачите, при поврзување на постојната трансакциска сметка, односно отворање нова трансакциска сметка, задолжително треба да го известат вработеното лице во банката дека преку трансакциската сметка сакаат да им се врши исплатата на правото. Ова треба да го направат најдоцна до 25.8.2020 година, заради навремена исплата. Корисниците нема потреба да одат во центрите за социјална работа за да земаат социјален број – се наведува во соопштението.