Статистичките податоци во 2021 година, во споредба со 2019-та, покажуваат дека во периодот јануари – јули бележиме намалување за 305 илјади туристи, што претставува 50 отсто помалку туристи. Бројот на домашни туристи се намалил за 26 илјади или 12 проценти помалку. Бројот на странски туристи се намалил за 280 илјади туристи, односно забележал пад од 68 отсто

И годинава секторот туризам ќе има загуби, но не толку големи како минатата

Наспроти растот на бројот на туристи што го регистрира Државниот завод за статистика неодамна, претставниците на туристичкиот сектор укажуваат дека во споредба со периодот пред пандемијата, бројот на туристи е значително помал. Инволвираните велат дека имаат драстично помалку посетители во споредба со 2019 година, или пред почетокот на пандемијата, поради што сметаат дека ќе бидат неопходни засилена промотивна кампања и сет мерки, кои ќе придонесат за враќање на странските туристи.
Првиот човек на Здружението на хотелиери – ХОТАМ, Крсте Блажевски, објасни дека првите шест месеци од 2021 година искористеноста на капацитетите во туристичкот сектор била многу слаба. Иако била забележана солидна посетеност во јули и во август, додава дека два месеца не се доволни за опстанок на хотелите.
– Сумирано, првите шест месеци оваа година поминаа со слаба искористеност на капацитетите. Во јули и во август исполнетоста беше подобра, но пред почетокот на учебната година се намалија гостите, па хотелите и плажите се испразнија. Обично периодот пред учебната година и цел септември сме имале гости од странство, но оваа година ги нема, односно ги има многу малку. Во споредба со 2019 година, годинава имавме само 10 проценти од некогашниот број на странски туристи. Сметам дека и оваа година секторот ќе има загуби, но се надеваме не толку големи како минатата. Иако беа дозволени и семинари и свадби, по новиот бран имаше и многу откажувања, особено во втората половина на август. Добро е што резервациите во хотелите се враќаат, луѓето увидоа дека во хотелите не се шири вирусот, туку при поголеми собири, па довербата се враќа – објаснува Блажевски.

Драстично помалку туристи од 2019 година

Од Стопанската комора посочуваат дека податоците за периодот јануари – јули 2021 во однос на истиот период во 2019 година, или споредено со годината пред пандемијата, покажуваат загрижувачко намалување на бројот на туристи и ноќевања. Додаваат дека намалувањето е најголемо од земјите во регионот, што, според нив, упатува на заклучокот дека мерките преземени во однос на позицијата на дестинацијата на меѓународниот пазар на туризмот се најслаби од сите држави во регионот, па и загубата на бројот на туристи и реализираните ноќевања се процентуално највисоки.
– Иако навремено подготвивме две студии и сет решенија, за жал, истите тие или не се применија, или парцијално се применуваа или, пак, нивната примена се одолжуваше до момент на целосно губење на смислата на мерката. Статистичките податоци во 2021 година, во споредба со 2019-та, покажуваат дека во периодот јануари – јули бележиме намалување за 305 илјади туристи, што претставува 50 отсто помалку туристи. Бројот на домашни туристи се намалил за 26 илјади или 12 проценти помалку. Бројот на странски туристи се намалил за 280 илјади туристи, односно забележал пад од 68 отсто. Бројот на ноќевања се намалил пропорционално на намалувањето на бројот на туристи, речиси за 600 илјади ноќевања, односно намалување за 36 отсто во однос на истиот период во 2019 година. Бројот на реализирани ноќевања од странски туристи е намален за речиси 550 илјади ноќевања во однос на споменатиот период во 2019 година, што претставува драматично намалување за 65 отсто. Бројот на ноќевања од домашните туристи е намален за 6 проценти или 44 илјади ноќевања помалку во однос на 2019 година. Во 2021 година имаме просечно намалување за 80 проценти на туристи од традиционалните пазари, како Австрија, Холандија, Полска, Белгија, Турција во однос на 2019 година и 77 отсто на реализираните ноќевања – објаснува Даниела Михајловска Василевска од Здружението на угостителство и туризам при СКСМ.
Таа дополни дека падот на туристи и ноќевања од соседните земји е поблаг, односно 70 илјади помалку туристи во однос на 2019 година и 106 илјади помалку ноќевања или намалување за 57 отсто на бројот на туристи и 51 процент на ноќевањата.
– Највисоко процентуално намалување на бројот на туристи во 2021 година во однос на 2019 година бележи Скопје, по што следуваат други туристички места со пад од 53 отсто, езерски туристички места со намалување од 44 проценти на бројот на туристи, бањските туристички места забележале пад од 35 отсто, а најнизок пад на бројот на туристи е забележан во планинските туристички места, кои биле посетени од 22 проценти помалку туристи. Овие податоци говорат за катастрофата со која се соочува секторот – дополнува Михајловска Василевска.

Нема однапред договори за следната година

Посебен проблем за секторот е неможноста да се прават договори и планови за сезоната однапред како пред пандемијата, што, според првиот човек на Здружението на хотелиери – ХОТАМ, Крсте Блажевски, ќе се пренесе и во 2022 година поради непредвидливоста на новите бранови и новите соеви.
– Најголема надеж ни е вакцинацијата, односно враќање на состојбите во нормала. Со враќање на семинарите и конгресите во хотелите, тие би можеле да се спасат, да не работат со загуби. Иако правиме планови за договори со туроператорите што носат странски гости и плаќаат однапред, а кои се од големо значење за секторот, сепак истите тие се неизвесни поради состојбата со вирусот. До крајот на месецов ќе мора да формираме цени и да им дадеме понуди на странските туроператори и на домашните агенции. Се надеваме оти следната година ќе имаме барем 50 – 60 отсто од странските туристи што ги имавме во 2019 година. Нивните посети се одразуваат позитивно на целата држава, бидејќи со нивното доаѓање има девизен прилив во земјата – вели Блажевски.
Првиот човек на ХОТАМ потенцира дека се забележува промена во навиките на луѓето, поради што и самите хотелиери ги менуваат методите на привлекување гости. Поради пандемијата, Блажевски вели дека биле понудени многу промотивни пакети и попусти, но објаснува дека следната година се можни повисоки цени поради инфлацијата.
– Сметам дека ќе бидат потребни нови методи и мерки со кои ќе се обезбедат нови олеснувања или ќе се привлечат клиенти за да се обезбедат приходи. Исто така, ќе бидат потребни промени на субвенциите за странските туристи, да се подобрат или да се сменат за да обезбедиме побрзо враќање на странците во земјава – заклучи Блажевски.

Промотивна кампања на Гугл и на Јутјуб

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, вели дека туристичкиот сектор веќе функционира поразлично отколку пред пандемијата, но додава дека е тешко да се прават планови на долг рок.
– Туризмот започна да ја живее новата реалност во која сѐ уште има голем број непознати поради пандемијата, што создава тешкотии за негово планирање на подолг период, но досегашните планирања и анализи на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот се покажаа како прецизни и навремени. Периодот што измина се искористи за воспоставување повеќе авиолинии, од кои би ги издвоиле Москва – Скопје, Киев – Скопје, со кои се овозможи раст на странските туристи. И покрај големиот број скептици, се успеа и во 2021 година да се воспостават чартер-линиите со Холандија и со Полска, од каде што е очигледен бројот на туристи во 2021 година. Позитивните резултати во туризмот, во споредба со истиот период минатата година, се очигледни и според Државниот завод за статистика, со зголемување на туристите од 56,6 отсто и ноќевањата од 46,6 проценти во споредба со 2020 година. Сепак, туристичка сезона треба да покаже нов интерес и други целни групи на туристи во Македонија – објаснува Јаневски. Според него, стратегиското планирање на АППТ за 2022 година во целост ја отсликува новата реалност во туризмот и потребата од поставување нова методологија на работа, промоција на примарни и секундарни пазари, како и целни групи туристи. Агенцијата, во соработка со Владата, подготвува кампања за Гугл и за Јутјуб, со која во 2022 година ќе се промовираат македонските туристички потенцијали, а се планира и дигитализација на туристичкиот сектор со платформата Е-посетители. Директорот на АППТ вели оти означувањето на туристичките потенцијали, валоризацијата, мапирањето, како и подигање на едно скалило погоре кога се во прашање алтернативните форми на туристичка понуда, ќе придонесат за развој на туристичкиот сектор.
– Руралниот туризам, екотуризмот и субвенционирањето на поразличен начин ќе придонесат за зајакнување на туристичките агенции, за да бидат поконкурентни и да ги продаваат домашните туристички капацитети во текот на целата година. Верувам дека 2022 година заедно со туристички сектор ќе успееме да ја зголемиме промоцијата и да поставиме нов пристап во туризмот, кој ќе се носи со голем број туристички дестинации – вели Јаневски.

Туристичкиот сектор би заздравил дури по 2023 година

Од комората очекуваат намалувањето на туристите и на реализираните ноќевања во 2021 година да биде околу 60 отсто. Следната 2022 година сметаат дека ќе продолжи бавно закрепнување на секторот, а намалувањето во однос на 2019-та да биде околу 40 проценти, доколку не се променат пристапот и политиката кон туризмот. Обновување на пазарот и достигнување на перформансите од 2019 година се очекува од 2023 година до 2025 година.
– Приоритет од највисок степен претставува успешно справување со пандемијата, добри протоколи, транспарентност и промоција на здравствените политики и мерките што се преземаат за справување со пандемијата. Потоа запознавање на странските партнери со условите, мерките и политиките што се применуваат за справување со пандемијата. Од тоа зависи каква перцепција ќе има однадвор кон Македонија како туристичка дестинација, но, еве, веќе втора година нема напредок на ова поле, па дури нема ни превод на информации на официјалните веб-страници на институциите. Поддршката преку субвенции ќе биде клучна за успешно позиционирање на дестинацијата, особено во услови кога другите држави преземаат редица активности во овој правец и насочуваат голема енергија кон овој сектор – потенцира Михајловска Василевска.
Според членките на Здружението на угостителство и туризам, ќе биде потребна зајакната промоцијата во земјите од регионот во географски радиус од 600 километри и додаваат дека буџетот за промоција е недоволен.
– Во следниот периодот од клучно значење е одржувањето и зајакнувањето на односите со поголемите странски туроператори со кои негуваме традиционална соработка преку директна комуникација на сите нивоа. Истото тоа се однесува и на односите со авионските компании што оперираат кон и од Македонија – објаснуваат од здружението.