ММФ стравува од поткопување на реформите

76
Подобрувањето на животниот стандард ќе бара посветеност на агендата за структурни реформи Фото: Игор Бансколиев

Од Меѓународниот монетарен фонд, чиј тим престојуваше во земјава заради спроведување на редовниот годишен преглед на економијата, испратија суптилни забелешки за фискалните политики на Владата испланирани со предизборниот буџет за наредната година

Поради откажувањето од примената на прогресивниот данок, како и поради зголемувањето на платите во администрацијата и на пензиите, претставниците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) сметаат дека би можеле да се поткопаат некои од придобивките навестени со неодамнешните фискални реформи. Од ММФ, чиј тим престојуваше во земјава заради спроведување на редовниот годишен преглед на економијата, испратија суптилни забелешки за фискалните политики на Владата испланирани со предизборниот буџет за наредната година. Со свои укажувања посочија дека минималната плата нема да ја намали сиромаштијата и дека проект „Мој ДДВ“ е товар за буџетот.

– Со силна посветеност, властите го оживеаја моментумот на реформи во последниве години. Клучните институционални реформи, како и оние од областа на управувањето, ја покажаа својата посветеност за справување со долгорочните предизвици. Властите стекнаа значителен кредибилитет на политиките и економијата повторно закрепна – пишува во извештајот на ММФ.
Во текот на изминатитe денови тимот остварил повеќе работни средби со претставници на Народната банка и на Министерството за финансии, при што било истакнато дека од суштинско значење е да се остане на патот на реформата, за дополнително да се зајакне отпорноста на економијата на шокови и трајно да се зголеми нивото на приходите.

– Подобрувањето на животниот стандард ќе бара поголема мешавина од фискални политики, со зајакнување на растот и непоколеблива посветеност на амбициозната агенда за структурни реформи. По долготрајната политичка криза, економијата влезе во период на солиден раст и стабилност. По застојот во 2017 година, растот закрепна во 2018 година и се очекува да зајакнува и понатаму, поттикнат од силната домашна побарувачка и силниот раст на извозот и покрај забавувањето на глобалната трговија. Невработеноста, иако сè уште е голема, бележи постојан пад, поддржан од силното креирање работни места – посочуваат монетарците.
Според ММФ, растот на БДП во 2020 година се очекува да биде 3,4 отсто, што ќе се должи на буџетот за следната година и на повисоките плати.

– Пониските даноци и повисоките пензии и плати, вклучувајќи ги и јавниот сектор и минималните плати, се очекува да обезбедат понатамошен, иако еднократен, стимул за потрошувачката. Растот на извозот и инвестициите ќе останат стабилни, но малку забавени, како одраз на слабиот раст на трговските партнери. Оваа умереност би можела да стане поизразена доколку тензиите на глобалната трговија се влошат или инвестициските планови се одложат поради неизвесност за време на изборниот период – велат од ММФ.
Според нив, со реформи со кои ќе се решат клучните институционални слабости и оние на пазарот на труд ќе се забрзаат среднорочниот раст и изедначувањето на приходите.

– За да се забрза изедначувањето на приходите, од суштинска важност е да се продолжи со реформите за подобрување на јавната администрација, владеењето на правото и контролата врз корупцијата. Повисоките нивоа на приходи, подобрите можности за вработување и посилните институции веројатно е дека исто така ќе помогнат да се задржат вештите работници во државата – велат од ММФ.
Според нив, минималната плата се зголемува брзо, во споредба со продуктивноста на трудот, така што повисоката минимална плата може да помогне во намалување на сиромаштијата кај вработените, но притоа ќе ја зголеми сиромаштијата кај невработените. Поради ова, оттаму сметаат дека зголемувањето на минималната плата нема да биде ефективно во намалувањето на севкупната сиромаштија, особено ако се намали формалното вработување. Мисијата на ММФ препорача да се зачува конкурентноста преку усогласување на минималната плата со продуктивноста.
– Веќе имплементираната мерка за поврат на ДДВ наменета за подобрување на наплатата на приходите ќе придонесе за зголемување на трошоците. Одложувањето на прогресивниот персонален данок на доход и данокот на капитални добивки ќе го забави растот на приходите. Истовремено, повисоките придонеси за социјално осигурување ќе генерираат дополнителни приходи. Прелиминарно, тимот проектира фискалниот дефицит да се прошири до 2,5 отсто од БДП во 2020 година, од сегашните 1,8 процент во 2019 година – објаснуваат монетарците.
Нивните препораки се исто така да се пренасочи јавното трошење кон инвестициите, со што би се зголемиле изгледите за среднорочен раст.

Монетарците сметаат дека се неопходни реформите за справување со неформалниот сектор, кои ќе помогнат во подобрување на деловната клима и ќе ги заштитат работниците. Истакнуваат и дека неформалната економија е штетна, формалните бизниси се соочуваат со нелојална конкуренција од оние што не плаќаат даноци, работниците во неформалниот сектор се лишени од работничките права, а јавните ресурси се намалени.
– Приоритет треба да биде зајакнување на ефикасноста на управување со приходите, како и на правната усогласеност, комбинирано со мерки што ја зголемуваат довербата на јавноста во институциите и даночниот морал – стои во извештајот.


Народната банка да биде подготвена да ја заостри монетарната политика

Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав, оцени тимот на ММФ. Укажаа дека Народната банка соодветно ги искористила поволните услови за зголемување на девизните резерви. Според тимот на ММФ, во иднина, доколку дојде до влошување на надворешното окружување, Народната банка треба да биде подготвена да ја заостри монетарната политика.
Банкарскиот систем, според оцените на тимот на ММФ е здрав, добро капитализиран и ликвиден. Тековните активности за окрупнување на системот ќе придонесат за негово консолидирање и за подобрување на неговата ефикасност. Тимот на ММФ оценува дека преземањето чекори за натамошно зголемување на денаризацијата на депозитите, заедно со внимателно осмислените мерки за намалување на девизното кредитирање на домаќинствата, ќе придонесе за натамошно зајакнување на отпорноста на нашиот финансиски систем.