ММФ: Понатамошниот раст на минималната плата може да доведе до отпуштања

118

Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај за состојбите со економијата во земјава, меѓу другото, предупреди и на ризици и непосакувани ефекти по одлуката на македонската влада за раст на минималната плата, за подобар животен стандард кај работниците со пониски примања.

– Минималната нето-плата кумулативно е зголемена за 44 отсто во изминативе две години, а во економската програма на Владата се предвидува таа да достигне 16.000 денари до крајот на 2020 година, што би довело до пораст од уште 10 отсто. Во услови кога порастот на минималната плата значително го надминува порастот на продуктивноста, дополнителни зголемувања може да ѝ наштетат на конкурентноста – пишува во извештајот.

Монетарците укажуваат дека зголемувањето на минималецот може да ја намали сиромаштијата кај работниците со ниски примања, но нема да влијае врз намалување на вкупната сиромаштија во земјата.
– Зголемувањето на минималната плата не е мерка што е добро проектирана. Во 2018 година стапката на ризик од сиромаштија кај вкупното население беше 22 отсто, а кај работниците 9 отсто. Натамошен раст на минималната плата може да доведе до отпуштања и до пораст на ризикот од сиромаштија – велат од ММФ.
Оттаму, исто така, укажуваат дека „дарежливите“ минимални плати може да ја поттикнат сивата економија. Според монетарците, ако минималните плати се превисоки во однос на продуктивноста, тоа може да ги одврати работодавците од креирање формални работни места.

Од ММФ укажуваат дека не смеат да се заборават реформите, дека е неопходна контрола на корупцијата и подобрување на ефикасноста на администрацијата.
– По долготрајната политичка криза, економијата влезе во период на солиден раст и стабилност. Во текот на последните години, властите го обновија моментот на реформите, со круцијални институционални и владини реформи и напори да се направат јавните финансии поодржливи и правични. Преку овие активности, тие добија значителен кредибилитет на политиката и економијата се обнови – напишале од ММФ.

Според нив, власта мора да остане на патот на реформите. Овој период на солиден раст треба да се користи за фискална консолидација и обнова на фискалниот простор, со намера економијата да може да се справи со идните шокови. Покрај подобра наплата на приходите и кратење на земјоделските субвенции, се бара да се зголемат капиталните инвестиции.