ММФ: И покрај корона-кризата, Народната банка продолжува со значаен прогрес во сферата на статистиката

46

Непрекинатото навремено објавување квалитетни статистички податоци и во специфичните околности наметнати од пандемијата на ковид-19 е клучно за економијата, особено заради носењето соодветни одлуки на економските субјекти и соодветно димензионирање на политиките и мерките. И покрај корона-кризата, Народната банка продолжи да остварува значаен напредок во сферата на статистиката, со клучни залагања за спроведување на највисоките и најнови меѓународни стандарди.

Ова се дел од оцените изнесени на состанокот на тимовите на Народната банка и Министерството за финансии со тимот на одделот за статистика на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во рамките на годишните средби на ММФ и Светската банка.

На состанокот се разговараше за досегашните заеднички проекти и за активностите што се планираат за следниот период. Особено беше истакнат остварениот напредок, вклучително и преку достигнувањето од страна на Народната банка на највисокиот глобален статистички стандард за дисеминација на податоци – СДДС плус. Притоа, одделно беше посочено на залагањата на Народната банка, која овој месец почна со редовно објавување и нови подетаљни податоци за вложувањата на резидентите во странски хартии од вредност, а до крајот на годината се планира и прва објава на нови податоци за финансиските сметки во согласност со најновите стандарди.

Соработката меѓу експертските тимови на ММФ и Народната банка беше оценета како одлична, што е основа и за повеќе заеднички проекти во натамошниот период.