ММФ: Инфраструктурата и невработеноста најголем проблем на Западен Балкан

67
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Недостигот од капитал и ниската вработеност се најголемиот проблем на земјите од Западен Балкан, порача високиот регионален претставник на Меѓународниот монетарен фонд за Централна и Источна Европа, Надим Илахи.

Говорејќи за финансиската стабилност и економскиот раст на Самитот на министри за финансии, гувернери и директори на даночни управи во црногорското летувалиште Бечичи, Илахи истакна дека пред сѐ е потребно да се унапреди и деловното опкружување, бидејќи Унгарија, Полска и Словачка постигнале успех благодарение на тоа.

– Големо ограничување за регионот на Западен Балкан е слабата инфраструктура што ги одбива инвеститорите да вложуваат, зошто патиштата се лоши и има многу гранични премини – додаде претставникот на ММФ.

Според Илахи, клучно е прашањето што регионот поминува низ демографски промени и што се намалува работоспособното население, поради помалиот прираст и иселувањето на младото и образовано население, а што, пак, негативно влијае на економскиот пораст.